Како што веќе спомнавме во воведот за ова послание, примачите се луѓе на кои им е доста од христијанскиот живот и секојдневните борби. Авторот на посланиево, како човек кој ја знаел и црквата и ситуацијата таму, е соочен со дилема:

  • дали да им зборува со глас на психолошки советник и да им објасни дека животот си е таков и дека треба само да се истрајува, или
  • воопшто да не губи време со психологија и филозофирања и одма да се фокусира на градење на здрава наука за христијански живот која се врти околу природата, личноста и делото на Исус

Како авторот постапува овде ни дава шаблон за охрабрување на поединци и на цели заедници кои се судираат со прашања од типот “Зошто воопшто да се мачам да живеам како добар Христијанин во мојата локална заедница кога…(вметни си било која причина/мисла која што тебе те “спречува“ да одиш во црква)?“

Гледаме овде дека авторот на Евреите воопшто не губи време и одма се фокусира на најважната тема на сечиј христијански живот:

  • Исус е вечниот создател и одржувач на целиот Универзумот (сс. 1-2)
  • Исус е семоќниот Бог во видлива форма (сс. 3-4)
  • Отецот сведочи за потполната божественост на Исус (сс. 5-15)

1-2: Исус е вечниот создател и одржувач на универзумот… и што сега?

Исус севладетел

Исус Севладетел. Најстарата икона на Христос во Синајскиот манастир Св. Катерина. На иконата Христовата глава се состои од две лица, приказ за двојната природа на Христос.

Во овие стихови јасно гледаме дека Отецот говори преку Синот, и дека Исус, Синот, не е обичен човек. Исус е Синот Божји, потполно единствен, создател на се, сопственик на се.

Тежината и важноста на овие стихови е дека со нив авторот го сумаризира целиот Стар Завет и покажува на Христовиот живот како слика на сето тоа. Исус е и содржината и пакувањето на Старозаветната порака. Овие две стихчиња се така напишани за да ни стане јасно дека после Христос ништо веќе не е по старо.

Стариот Завет значи мора да го гледаме низ призмата на Исус како:

  • Оној за кого се зборува во Стариот Завет, и
  • Оној кој ги исполнува условите за побожност запишани во Стариот Завет.

Што сето ова нам ни значи?

Во ситуации каде луѓето си измислуваат разноразни дефиниции за правилен христијански живот, од “колку повеќе си во црква присутен толку си по побожен“ до “личната твоја духовност во затворената соба е она што го дефинира твоето христијанство“, ние биваме потсетени дека всушност, христијанството го дефинира Хирстос и ни го покажал со сопствениот живот, служба и смрт. Во понатамошните глави ќе видиме што се тоа значи. Засега, доволно е да запамтиме дека ако сакаме добра слика за тоа како христијанскиот живот треба да изгледа, мораме да почниме со самиот Христос.

3-4: Исус е семоќниот Бог во видлива форма… и што сега?

Ако постои некаков сомнеж околу Христос и што тоа значи дека Исус е Божји Син, овие стихови јасно ни кажуваат дека Исус е олицетворен/отелотворен Бог. Не постои слична случка во историјата каде Бог во својата потполност влекува во нашиот физички свет и ни се прикажува толку близок, толку опиплив, толку разбирлив, за секој да може да сфати кој е и каков е тој Бог кој е вон времето и вон просторот: брз на милост, спор на гнев, полн со разбирање но и со гласен повик за поинаков живот, живот без лицемерие, без гнев. Живот со љубов кон другите. 

Кој подобро го прикажува Божјиот карактер, Исус или Законите?

Примачите на ова послание (а и Евреите општо) мислеле дека бидејќи ангелите учествувале во пренесувањето на Законот, тие на некој начин се возвишени битија и играат битна улога во Божјото откривање кон нас луѓето. Евреите мислеле дека најјасното и најверодостојно откривање на Божјиот карактер и природа е запишано во Законот, односно во Стариот Завет каде што се запишани околу 630 правила и прописи за тоа како луѓето треба да се однесуваат и живеат ако сакаат да се прифатени од Бога.

Авторот на ова послание вели НЕ, Законот не е најдоброто олицетворение на Бог. Тоа е Исус. Во Исус ние имаме најдобро видливо/опипливо/разбирливо/прифатливо/охрабрувачко откривање/прикажување на невидливиот Бог.

Во English Standard Version се вели дека “Исус е егзактниот отпечаток на Божјата природа“ што значи дека кога невидливиот Бог на некој начин физички би зачекорил во овој наш универзум, Исус би бил отпечатокот на Божјето чекорење, каде не само што би можеле да го видиме присуството на Бог, туку Исус како отпечаток би ја прикажал и самата суштина на Божјото битие.

Исус: Икона, Огледало, Светлина?

Исус, во православен термин, е Божјата икона (видлива репрезентација на вон-земните вистини) на инаку невидливиот Бог. Како таков, Исус е единствената прифатлива “икона“ поради тоа што само Исус богочовекот во потполност сјае со Божјото величие, само Исус во потполност ја олицетворува Божјата слава.

Исус не е одблесок на Божјата слава, како што огледалото дава одблесок од светлината. Исус е самата Божја слава.

Самиот тој е олицетворение на славата на севишниот Бог која што ние на никој друг начин не би можеле да ја видиме во целосна потполност. Сето останато створение е одблесок, но Исус е светлината на славата на Бога, исто како што светлината е видлива манифестација на сонцето.

Штом Исус е Божјата Икона, како да го охрабриме ближниот?

Обично за разочараните верници кои се мачат “да бидат добри Христијани“по навика размислувањето им ди кон закони и правила… како придржувањето на некои правила да е суштината на верата.

Но предизвикот и олеснувањето е дека да се биде добар Христијанин всушност значи да се биде близу до Христос. Оваа близина не може да се изглуми затоа што не е правило кое што со сила може да се исполни. Блискоста со Христос е живо пријателство кое се гради, и не е список со правила кои може да ги штиклираме како да се на шопинг список.

Христијански живот: Од правила кон односи

Уште на самиот почеток гледаме како авторот на посланиево ја подготвува сцената за да ги охрабри верните дека она што е клучно е нивниот однос со Христос а не со некои измислени мерила за духовност. Овде може да се потсетиме на средбата на Исус со Марија и Марта, и како едната силно работеше сакајќи да се покаже како добра домаќинка додека другата седна до Исус и слушаше што Тој зборува.

Иако делата се важни, како што често биваме поучени од проповедите на некои од Павловите посланија, како обесхрабрени верници одвреме навреме мора да бидиме потсетени од Посланието до Евреите дека сето тоа почнува со Исус и мојот/твојот секојдневен пријателски однос со Него. Без ваквата блискост неможе да дојдиме до ситуација Христовите учења одвнатре да не променат за потоа и однадвор да се види таа промена.

5-14: Отецот сведочи за потполната божественост на Исус

Овие стихови ја поткрепуваат, илустрираат и даваат легитимност на изјавата дека Исус е олицетворениот Бог. Можеби примачите се мачеле со нивната вера во Христос. Можеби некои од нив мислеле дека Исус е ангел. Какви и да биле сомнежите, во 8-миот стих јасно е кажано дека Бог кој зборува преку пророците за Исус вели “Твојот престол, Боже…“

Авторот не губи време да постави јасна и едногласна изјава која се провлекува во целото послание: Христос е она што ќе го добиете кога невидливиот, вечен, семоќен Бог ќе земе физичко тело за да живее како еден од нас. Тоа е тој Христос кој створи се, и се е негово.

Во Христос се сумаризираат сите пророчки пораки кога во старите времиња велеле “Вака вели Бог семоќниот.“

Уште на сам почеток, посланиево го раздрмува слушателот, за да го оттргне од проблематичните мисли за тоа како животот требало да изгледа и како црквата би требала да биде. Ваквото грубо будење е со цел уште на сам почеток луѓето како прашина да ги истресат мислите кои ги мачат, за да можат да се фокусираат на она што е важно: Исус.

Фокусот на отелотворениот Бог, на Исус, е почетната точка од која што поединецот и заедницата во криза можат да тргнат кон разрешување на проблемите. Кога сме на чисто со основите, дека Бог Семоќниот го следиме, проблемите стануваат не толку големи, и не толку страшни. Искушенијата веќе не се непремостливи. Сомнежите, исцрпеноста, заморот… стануваат немоќни кога јасно гледаме кој е Исус.

И што сега? Што сето ова од Евреите 1 ни значи денес?

Па, кога ќе ви се смачи од верглање на едни те исти работи, кога перцепцијата на црква ќе ви се сведе на институција за лицемери, дозволете вашиот ум и душа да бидат осветлени и освежени од фактот дека за тие луѓе (во кои спаѓаш и ти) семоќниот Бог се даде како жртва која на чудесен начин ги отстрани гревовите кои претходно беа непремостлив ѕид меѓу нас и Бог.

Сега благодарение на отелотворениот Бог, Исус, јас и ти имаме нов почеток, нов лист, и сега не мора да се докажеме пред Бога колку сме ние добри па Тој да мора да не прифати… Си знае секој од нас, кој барем малку е самокритичен, дека всушност маската која ја носиме не е она вистинското Јас. Вистинското Јас е многу поинакво.

Ама пред Господ нема криење, и благодарение на Исусовата жртва на крстот, на чудесен начин, Христовата безгрешност ни е припишана нам, а нашите гревови се приковани на крстот. Така Бог во верникот не гледа човек кој се мачи со гревот туку човек кој преку верата во Исус е побел и од снег.

Па која е тогаш радосната вест, за верните кои се уморни од христијански живот?

Радосната вест е во тоа дека не мора со свои сили да заработиме благонаклоност. Господ бесплатно ни ја дава и ни вели:

Еве, прифатен си таков каков што си, со сите твои мани.
Твојот грев не те дефинира. Те дефинира твојот однос со Христос.
Верувај, слушај, биди поучен од Библијата, и ќе видиш како во тебе се раѓа еден живот на кој што ти со свои сили не можеш да го живееш, затоа што Јас живеам во тебе и преку тебе
.

На за тебе неразбирлив начин, овој живот даден ти е сега и овде, за уште денес да почнеш да ја испишуваш таа нова страница која Христос ти ја дава.

Овој нов живот не зависи од светот, од институциите, од лицемерието на другите. Зависи од непроменливата добрина на Исус, за која сега јас и ти сме гласноговорници… живи илустрации за тоа каков е Бог, за тоа кој е Исус.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website