Клучот за правилно и длабоко разбирање на гл. 11 е свесноста дека пред оваа глава има 10 други кои се исклучително важни за идеите во овој пасус. Со тоа што 10-та глава беше сумаризација на голем дел од посланието, доволно е барем да ја разгледаме оваа глава, за да имаме доволна основа за да се впуштиме во 11та глава.

А еве што во 10та глава заклучивме: Христос ве ослободи од гревот. Затоа станете, истресете ја прашината од себеси и пристапете кон Бога, како заедница. Не се откажувајте едни од други, напротив, поттикнувајте се едни со други за растеж без разлика колку тмурно изгледа ситуацијата. Не сте сами во сето ова. Дел сте од голема духовна фамилија која се протега од тука па се до вечноста. Без разлика на околностите и тешкотиите, треба да продолжиме да пребродуваме низ животните ситуации. Заедно.

Како нестрплив средношколец што сака да забие кош, луѓето набрзина сакаат да ја разберат одата на верата корнејќи ја глава 11 вон својот природен контекст. Така, од еден прекрасен текст народот завршува со идеа дека верата е она нешто на кое се повикуваш кога неможеш на поинаков начин да објасниш нешто во животот.

Многу пати, Глава 11 се користи како место за криење за оние на кои не ми се оди подлабоко во нивното разбирање на христијанството, и уште пострашно, е место за криење за оние кои се премногу мрзливи да  ја применат верата во секојдневниот живот.

Така, полека но сигурно, Глава 11 е деградирана во стихотворба која ја верглаат луѓе кои сакаат да си седат на трибините на животот, без воља за ангажман во динамичниот живот на кој биваме повикани во претходните 10 поглавја од ова послание.

Па, каква е таа вара која ни е опишана во поглавјата досега:

  1. Јавна вера: Христијанството не е нешто што се чува под кревет, во изолација. Посланието до Евреите не потсетува дека Христос не откупи група на поединци. Тој ги откупи духовно семејство што ние го нарекуваме Црква.
  2. Активна вера: христијанството не може да се деградира на рецитирање приучени идеи за Бога, гревот, спасение и за вечноста. Тоа е начин на живот што извира од Христовата жртва на крстот.

Овие две својства на верата ни се доволен контекст за правилно да го разбереме 11-тото поглавје.

сс. 1-7: Праведност – етикета која се добива преку вера

Пред да навлеземе во повеќе објаснувања за тоа што е вера, ајде да се извлечеме некои идеи од овој поглавја за тоа што не е вера:

  • Верата не е религија. Таа не е збирка на религиозни ритуали. Во ова поглавје гледаме дека хероите на верата не се величани поради нивните ритуално богати животи, или поради нивното цврсто придржување на религиозни обреди кои секој може да ги изглуми.
  • Верата не е идеологија. Таа не е само филозофска конструкција или согласување со изјави од типот “Бог постои“, “Христос е спасителот“ итн. Иако разбирањето на правилното Христовото учење кое го наследивме од нашите духовни предци, самото знаење на овие информации или изглумениот “христијански начин на говор и живот“ се само надворешни појави, фасада која сама по себе не е и суштина на животот окарактеризиран со вера.

Грубо кажано, верата е наслонување на Христа во сите животни ситуации така што колку и да е тешко сепак ги пребродуваме неприликите задршувајќи го Божјиот мир во душата, кој за неверните е несватлив, и недосеглив мир.

Во првите 7 стихови можеме да видиме неколку случаи на луѓе кои, поради нивната вера, делувале на сосема нелогични начини. Животите би биле дури и невозможни доколку овие луѓе не верувале дека Господ е изворот на мирот кој овој свет не го познава:

  • Авел: неговата вера била придружник на неговита жртва која ја принел пред Бога. Поради оваа вера Авел бил наречен праведник. Каин од друга страна, кој жртвата ја сведе на ритуал без заинтересираност, без љубов и без вера во Бога, го знаеме како првиот убиец. Во Битие читаме дека Авел го принесе најдоброто, а Каин само собра некои ситници и ги фрли пред Бога, колку да помине од редот. Ставот на Авел извира од верата, односот на Каин од неговата незаинтересираност.
  • Ное: неговата вера во Божјата објава го поттикана да постапи исправно, и да го послуша Бога. Ради верата дека потопот е неизбежен, Ное посветено се вдаде на работа и ја изгради арката добро, иако можеше само да нафрла трупци на куп и да си ја прогласи работата за завршена.

Во двата случаи, верата е клучен елемент во животот која ги направи овие луѓе различни од останатите, и нивната вера е таа што ги постави на патот на праведноста.

Овие луѓе не си рекле “ Добро ај, штом треба да му угодиме на Бога, ај да си станиме креативни и да си измислиме еден куп верски обичаи и обреди, да си глумиме светост со тоа што ќе се облекуваме на посебен начин, ќе зборуваме на одреден начин, ќе живееме различно од другите, ќе си имаме свои јасно дефинирани политички ставови итн. Така, можеби ќе му текне на тој Господ дека ние сме добри луѓе.“

Непоколеблива убеденост дека она што Бог го вели е точно (бидејќи Бог е непроменлив и не лаже), е она што ги поставува овие луѓе како достојни примери на верен живот. Тие биле поучувани преку т.н. “усната традиција”, односно преку раскажување на сите работи и случки за кои ние сега читаме во Библијата. Така, за нас е многу полесно да веруваме бидејќи сите ние ги имаме овие лични приказни отпишани како цврст и сигурен доказ дека Бог е вистинит, добар, верен и тој нема да не напушти кога ни е најтешко… иако тоа понекогаш баш така и ни изгледа.

Vv 8-16: Издржливост – резултатот од применетата вера

Чудни работи се случуваат кога сериозно ќе си ја сфатиме верата и сериозно ќе читаме Библија: Господ ќе почне да ни открива разни идеи и мисли. Понекогаш тие мисли се освежувачки и охрабрувачки, но понекогаш се тежок предизвик и се страшни.

Често пати, како што гледаме од животите на Авраам и Мојсеј, верата може да не доведе во незгодни ситуации. Со Авраам се почнало кога тој од Бога добил повик да си го напушти огништето и да оди во друга земја каде Бог од него ќе направи татко на многу нации. Меѓутоа верното следење Авраам го довело до ситуација да мора да си го принесе сопствениот син Исак како жртва пред Бога.

Неговото резонирање е: Штом Бог вети дека ќе направи од Авраам татко на голем народ, тогаш Тој најверојатно ќе се подигне Исак од мртвите. Со тоа што Авраам на старост станал татко, тој има доверба дека Господ си стои на зборот, па сега размислува “Бидејќи Бог може да создаде живот, тој сигурно може да го обнови животот во Исак”.

Верата во Божјата конзистентност и моќ е она што му помогна на Авраам да се здобие со подлабоко разбирање на тоа како Бог дејствува, така што тој е подготвен дури и да го жртвува Исак. Иако ова е страшна ситуација, Авраам не се посомневал дека Бог ќе го врати Исак од мртвите за да се исполни ветувањето кон Авраам дека тој ќе стане татко на голема нација.

Со Мојсеј, пак гледаме ситуација на живот и смрт кога неговите родители свесно одат против законот и го сокриваат Мојсеј. Фараонот тогаш наредил секое машко еврејско бебе да биде убиено ради преголема бројност на Евреите. Може дури и да речиме дека Мојсеј уште од раѓање им пркоси на властите. Подоцна во животот Мојсеј продолжува да му пркоси на законот со неговиот конфликт со фараонот поради што сигурно можел да биде убиен.

Иако денес ни се натура идејата дека мораме да ги почитуваме властите, Мојсеј ни дава револуционерен, намуртен поглед и не тера да разбереме дека власта која убива, краде и уништува не заслужува почит. Напротив, таквите треба да бидат симнати од власт и предадени на Божјиот суд, како фараонот кој бил доведен во Црвеното Море за да се удави, бидејќи Евреите биле достојни да поминат по суво благодарение на нивната вера, а фараонот не бил достоен поради отфрлањето на Божјата порака “пушти го Мојот народ да си замине од Египет.“

Верата која се применува резултира со издржливост. Понекогаш биваме тестирани на мали нешта, со цел да научиме дека Господ е доверлив. Наредните тестови во животот ќе се поголеми, но сепак на некој начин и полесни затоа што веќе имаме претходни искуства каде што сме биле на недоумица а сепак Господ се докажал како поверлив. Некогаш па, тестовите се навистина тешки, како оние на Авраам и мојсеј.

Во моите рани денови како посветен верник во Христа, знаев да не го навијам будилникот мислејќи: Господ ќе ме разбуди навреме за на факултет.” Подолг период се будев точно на време. Можеме ние со години да дебатираме околу ваквото искуство велејќи дека тоа е биолошкиот часовник и психолошко програмирање на телото да се разбуди во точноопределено време. Како и да е, со ваквиот тест не ризикував многу затоа што и да го пропуштев автобусот, можев да фатам друг после 15 минути.

Но, како што животот си течеше се соочував со поголеми предизвици и тестови. Како пример, сум се соочил со ситуација да напуштам работа иако ми требале пари затоа што од мене се очекуваше да продавам неквалитетни прозиводи кои не вредеа за парите. Потоа тестирањето значеше откажување од Машински факултет во 4-та година за да запишам студии по теологија. Овие одлуки беа исклучително тешки затоа што ризиците беа далеку поголеми во споредба со примерот за пропуштен автобус. Но во тие тешки ситуации кога човек треба да бира меѓу статус-кво и следење на идејата која веруваме дека од Бога ни е дадена, баш тогаш верата излегува на површина. Преку вера човек во тешки ситуации може да има мир велејќи си: Господ ќе се погрижи некако. На крај, после долги години, финансиските кризи поминаа, јас зедов теолошка диплома и згора на тоа на факултет се запознав и со мојата жена

Кој би бил резултатот од мојата непослушност? Па, ако не се запишев на теолошки факултет, немаше да ја запознам жена ми, немаше да ги имам сите тие животни искуства, и најверојатно немаше денес да се занимавам со 11та глава од Евреите. Вистинската вера секогаш има силни последици на секојдневието.

vv. 29-40: Духовно семејство – она што го добивате ако останете верни

Кога поминуваме низ тешки периоди не можеме да ги видиме долгорочните ефекти од тоа страдање. Кога се запишав на теологија не ни размислував дека за брзо време ќе си ја запознам жена ми. Кога сме на маки, повеќе го гледаме стравот, срамот, болката, маките и други неизбежности. Но верните порај страдањето, преку вера ја гледаат и Божјата рака испружена кон нас, и Бог ни вели “Фати ме за рака, следи ме и верувај ми. Јас сум тука да ти помогнам да растеш а не за да ти го уништам животот.“

Гледајќи на Авраам, Мојсеј и другите во текот на историјата, апсолутно сум убеден дека и тие имале стотици ситуации кога мислеле дека животот станал невозможен, нелогичен, налудничав … но не се откажале. Не затоа што знаеле точно како сето тоа ќе се заврши. Можеби ако знаеле уште од старт ќе речеле “Батали, не сакам ваков начин на живот.“

Но, убавината е во тоа дека се што ни е потребно за да го направиме следниот исправен чекор веќе го имаме: Треба само да погледнеме назад во својот, и животите на безброј други верни луѓе и да заклучиме дека Господ навистина се грижи за нас. Тој е добар, и полн со љубов кон сите нас. Така, бидејќи имаме позитивни искуства од прва рака, треба да ја фатиме Божјата рака и верно да го следиме.

Дали ова значи дека животот ќе биде лесен? Не! Напротив, најверојатно ќе биде потешко. Но, барем знаеме дека Бог ни ствара живот кој најверојатно ќе испадне далеку повреден отколку оној живот кој ние сами за себе сме го сакале. И додека поминуваме низ овој живот биваме потсетени одново и одново, дека преку таквото активно чекорење по Божјиот пат, ја добиваме најубавата награда: Мирот кој Бог го дава, мирот кој што овој свет ниту го разбира, ниту го цени, ниту го почитува… но сепак потајно копнее по него но не го досегнува, затоа што потребна е активна вера која влијае на секојдневието.

Резиме

Значи што научивме за верата од ова поглавје? Па, научивме дека верата не е религиозен систем до кој ние незаинтересирано се придржуваме. Исто, верата не е збир филозофии кои ги повторуваме како папагали. Верата е она што не менува додека поминуваме низ животот во заедништво со други верници кои исто така имаат делотворна вера.

Така, верата е она што денес го разбираме за Христа, кое влијае на нашето утре, благодарение на искуствата од вчера. Колку повеќе ја применуваме, толку повеќе расте, и на тој начин ни го обликува животот во живо сведоштво дека Бог е добар, вистинит, доверлив, трпелив итн.

Со ваквото секојдневно активно применување на верата во заедница со други верници, го доживуваме Божјиот мир кој надминува секакво разбирање, и тоа не преку пасивни филозофии за животот туку преку живеење на тој живот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website