Денес може да зборувате за било кој мотивационен говорник. Луѓето прифаќаат скоро секаква идеа. Ќе прифатат било каква продуховена идеа се додека не го спомнувате Исус и Библијата. Но работата е во тоа што баш Исус и Библијата имаат многу што да не поучат за живеење на вреден живот.

Посланието до Евреите баш ни зборува за ова прашање на вреден живот. Во Поглавје 10 имаме добра сумаризација на сите претходни поглавја: Ослободени сте во Христа. Станете, истресете се, и приближете се до Бога. Заедно, како заедница. Не се откажувајте едни од други. Поттикнувајте се за растеж во сите сфери од животот без разлика колку безизлезно изгледаат работите. Како црква, ние сме дел од духовна фамилија која се протега од овде па се до вечноста. Какви и да се околностите, колку и да страдаме, мораме да не се откажуваме. Оваа сумаризација е основата врз која се поставени последните 3 поглавја.

Во 11то поглавје видовме дека верата е она што денес го знаеш за Христа кое што влијае на она што ќе го направиш утре на основ на искуствата кои ги имаше вчера. Верата е циклично нешто што како што ја користиш, така зацврстува и расте. Верата ти го преобликува животот за да станеш живо сведожтво дека Бог е вистинит, поверлив, полн со љубов.

Сега сме во 12то поглавје, скоро на крај од посланието, и овде ќе разгледаме две битни идеи за правилен живот. Првата идеа е за фокус и истрајност, истрајност кога се е монотоно и ни се чини дека ништо не се менува. Втората идеа е размислување и активност, каде активноста е она што ни го дефинира животот, не начинот на размислување.

сс. 1-17: Истрајноста е последниот чекор пред потполен успех

Во првите 3 стиха гледаме интересна илустрација за дефиницијата на вера која ја формиравме во 11тата глава:

  1. Поради бројните сведоци               6. Врз основ на искуствата од вчера
  2. Да продолжиме со трката               5. Влијае на активностите утре
  3. Фокусирајќи се на Христос             4. Што разбираме за Христос денес

Во овие први неколку стиха гледаме група на луѓе на кои им е смачен христијанскиот живот:

  • Постојано се во судир со властите поради изјавата Исус е Бог и негирање на императорот како бог.
  • Соочување со финансиски проблеми зошто не ги прифаќаат вообичаените ситни лаги и поткрадување на клиентите “зошто сите тоа го прават“
  • Маки и отфрленост од семејството и пријателите поради таа нивна нова радикална вера која не им дава да одат во храмовите за ритуална проституција, не пијат без мера, не потпаѓаат под притисоци само за да останат дел од групата, итн.

Во повеќето случаи и ние така се чувствуваме, и нам ни е смачено, не толку од нашата преголема побожност или преголемиот разврат, туку од постојаната внатрешна борба меѓу светоста и световноста. Здосадено ни е од тоа нон стоп да го држиме кренат гардот.

Особено во помалите места, лесно е да помислиме дека и покрај сите залагања, работите некако си стојат непроменети. Ништо не се менува, ништо не се подобрува, и како одминува времето, ни се чини дека всушност ситуацијата станува полоша:

  • Помалку луѓе не разбираат и не ценат
  • Помалку разговори имаат значење и длабочина
  • Помалку работи се средуваат како што треба

Од каде да црпиме мотивација за да продолжиме напред? Текстот овде не потсетува дека кога ќе помислиме да се откажеме од посветениот Христијански живот, мораме да се присетиме на Христа, авторот и довршител на нашата вера. Со тоа што ќе се присетиме на Христа, се присетуваме дека и не сме сами во сето ова страдање, колку и да ни е тешко. Со оглед на тоа што сме социјални битија, не утешува фактот дека не страдаме во изолација, Исус е тука со нас, не охрабрува, не поттикнува да го направиме следниот исправен чекор. А во такви тешки ситуации, наредниот исправен чекор е и единствената битна и остварлива работа.

Во едно интервју со возач од Формула 1, на прашањето за мотивација при возење, возачот одговори: Не ни размислувам на крајната победа на трката. До таму има доста време за човек да се измори и обесхрабри поради неверојатните физички напори кои треба да ги издржиме. Затоа јас се фокусирам на една позиција на кружната патека и си велам дека само на тоа место смеам да се напијам вода. Така трката за брзо возење станува бркање на таа точка каде смеам да голтнам малку вода. Колку побрзо возам, толку поскоро ќе се напијам вода.

Фокусот на возачот е водата, а нашиот фокус е Христос, со својот пример за живот.

Но, текстот не зборува само за охрабрувања кога поминуваме низ тешкотии. Ова поглавје исто ни зборува и за страдањата кои треба да ги издржиме, а ни дава и објаснувања за тие страдања.

Овде гледаме дека во животот, страдањата делуваат како строги учители кои не учат да се наслонуваме на Христа за да ги протуркаме тешките периоди. Целта на таквото поучување е да научиме да го сакаме она што и Бог го сака, да се однесуваме према другите како што Бог би се однесувал, да ги правиме работите кои Бог би ги правел да е на наше место.

Страдањето за кое овде се зборува многу наликува на машинскиот процес на производство со пластично деформирање (пресување, виткање, извлекување итн). Има две зони на метални деформации: еластични и пластични деформации. Кога една метална шипка или плоча бива изложена на некои релативно мали сили, таа се витка  а кога силата ќе престане да делува, тогаш шипката се исправа во првобитната состојба. Но кога шипката ќе ја оптеретиме со поголема сила, таа преминува од еластични во пластични деформации. Во оваа зона на пластични деформации кога силите се огромни, обичната шипката станува амортизер или некој друг производ кој е корисен и вреден.

Работата е што некои од тогашните луѓе за кои ова послание било наменето, си стоеле на страна, повремено оделе во црква, и не биле баш заинтресирани за верата. Тие луѓе биле изложени на многу мали сили на деформирање преку кои Бог сакал од незаинтересирани посматрачи да направи стабилни побожни луѓе. Ваквите никогаш не ја надминале еластичната фаза. Ваквите луѓе никогаш не му дозволуваат на Бога да ги води и менува. Можеби се плашат, а можеби и едноставно не им е гајле.

Но предизвикот за нас, и повикот за христијански живот е повик кон промена, кон растеж.

За христијанскиот живот, ако го гледаме како маратонска трка, не е најважно ние да сме совршени атлетичари за да учествуваме во трката. Учеството е тоа што не прави атлетичари. Во ваквата трка треба да издржиме дури и кога не сакаме да продолжиме. Битната работа што треба да ја знаеме е дека не сме на оваа маратонска трка поради тоа што сме одлични спортисти. Повеќето од нас, во преносна-духовна смисла, едвај нога пред нога ставаме. Но иако со куцање и влечкање, самиот тој процес на залагање ќе не направи одлични спортисти, односно ќе станиме посветени верници, онакви какви што Бог одсекогаш знаел дека ќе бидеме…. но само ако останеме фокусирани на Христос и ако продолжиме со напорите во трката, да ја поминеме удобната зона на еластични деформации и преминеме во зоната на пластични деформации каде Божјата рака од нас ќе направи практични верници, не само декларативни христијани.

Како сумаризација на овој прв дел, може да речиме дека првиве 17 стиха зборуваат за фокус и издржливост: со Христос чашата е секогаш половина полна. Бог дозволува страдање за секој од нас да созрее. Продолжи да делуваш таму каде што си, таков-а каков што си. Делувањето ќе те обликува многу подобро отколку пасивното размислување и филозофирање.

сс.18-29: Смислата на животот извира од активностите не од мудрувањата

Како гледаме на Исус влијае на тоа како ги доживуваме Неговите учења. Ако на Исус гледаме само како на добар морален учител, тогаш се придржуваме на неговите идеи се додека така ни одговара. Со ваквиот став, ние сме сеуште длабоко во зоната на еластични деформации. Но, ако на Христос гледаме како на Бога, тогаш придржувањето на неговите учења не е ноншалантно. Тогаш учењата дирекно ни влијаат на животот, и не преобразуваат во далеку подобри личности од она што самите ние сме го имале замислено и зацртано.

Но, постои една важна работа за која веќе разговаравме: не мора да сме атлети за да сме маратонци. Самото учество на маратонот од нас прави атлетичари. Работата не усовршува.

Во текстов се спомнати планините Синај и Сион, кои одлично ќе ни помогнат да разбереме како тоа активностите се поважни од мислите. Она што правиме, опишува кои сме.

Планината Синај е местото каде за прв пат ние луѓето (односно Мојсеј) добиваме пишани совети/инструкции од Бога. Тој сет инструкции се десетте Божји заповеди. Сите тие гравитираат околу една главна идеа: Не прави ова, не прави она. Подолго време, па дури и денес, кога се размислува за правни работи, сиот разговор се сведува на она што не смееме да го правиме. Така, се додека не ги прекршуваш правилата, си добар човек. Арно ама, човек може цел живот ништо да не работи, па и да не згреши. Сепак, таквиот живот не може да се окарактеризира како добар живот. Синај, тогш, од перспектива на авторот овде, е симбол за рестрикции, не за инструкции за добар живот.

Да ја земеме сега планината Сион. Историски гледано, кон овој рид јудео-христијанските народи гледале како на место каде што човек може да биде поблизу до Бога. Но на Сион човештвото добива една единствена порака: Сите твои престапи се избришани. Христос ја плати твојата казна, слободен си. Така сега, благодарение на Христовата жртва, не мораме никому ништо да му докажеме или да се правдаме. Секој поединечно, со својата вера, може да премине од обично размислување за верата кон активен живот, бивајќи жив сведок за Христовата љубов кон овој свет и спасението кое на сите нам ни е достапно преку вера.

Сумаризација

Во ова поглавје разгледавме две идеи. Првата беше за фокус и истрајност: чашата е секогаш половина полна со Исус. Бог во твојот живот допушта страдање за да можеш да созрееш. Продолжи да делуваш таму каде што си, каков што си. Ваквата работа многу подобро ќе те обликува отколку било какво пасивно медитирање и филозофирање.

Втората идеа беше за работење, не за мудрување: Синај ти го држи вниманието на тоа колку си некадар да застанеш пред светиот Бог. Кога и да превземеш нешто добро, од Синај се слуша глас дека ти не чиниш. Од друга страна па, од Сион се слуша само една порака „Не си виновен“. Овој глас те ослободува да живееш. Така преку доживотно побожно живеење ќе покажеме дека навистина сме достојни, благодарение на сите оние промени кои Исус ги направи во тебе и во мене.

Како да ги примениме овие две идеи во секојдневниот живот?

  1. Она што денес го знаеш за Христа ти влијае на активностите утре, врз основа на искуствата со Христа од вчера. Ова е верата која кога ја применуваш, ти го менува животот.
  2. Бог не ни станува непријател кога во животот работите ќе зачкрипат. Баш тогаш мора да издржиме, да преминеме од еластичната во пластичната зона, каде вистинските промени се случуваат. Само тогаш навистина растеме како личности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website