Во претходните поглавја покривме многу интересни идеи за христијанскиот живот и како треба да се живее таквиот живот. Видовме дека вистинскиот христијански живот е сосема различен од популарната идеја дека сето тоа се сведува на етика и обичаи.

Во текот на првите 5 поглавја видовме дека клучот за христијанскиот живот е активно да се живее во заедница на верници, кои си помогнат еден на друг во поттикот да гледаме на Христа како автор и одржувач од нашата вера.

Во Глава 6 добивме добро предупредување: Живеењето христијански живот бара од нас да ги надминеме основите на верата и базичните прашања за спасение,  крштевање итн., и да се стремиме кон подлабоки вистини.

Во Глава 7, конечно преминуваме од основните прашања на верата, и веќе сме во длабоките води на промислувањата за Христос. Овде преминуваме од лесната, млечна храна,и веќе сме на тврда, храна за возрасни. Видовме дека во Христа имаме Спасител за кого читаме и во Стариот Завет, и дека Бог одсекогаш планирал да обезбеди начин на спасение кој се потпира на вечна добрината Божја, а не на нашата ограничена морална добрина.

extatic about faith

Сега во Поглавје 8, уште еднаш гледаме како Бог планирал да ни обезбеди шанса за христијански живот, кој е сосема различен од оној што луѓето обично го замислуваат: Нашето спасение многу повеќе се одигрува на небесниот олтар отколку на крстот на земјата; Нашата побожност од друга страна, многу повеќе е поврзана со делото на Христос одошто со нашите морални вредности.

  • Христовиот откуп се одигра на небесниот олтар, и како таков, е надвор од нашиот свет, и вонвременски. Значи, неговата жртва на небесниот жртвеник е делотворна за сите времиња. (с. 1-6)
  • Во Стариот завет Бог реагира на непослушноста на луѓето. Со новиот завет на благодат, сега Бог зема активна улога и ги менува срцата на луѓето. Во овој нов систем луѓето го знаат Бога затоа што Тој Самиот ни се открива и поучува (вв 9-13)

Накратко, Поглавје 8  потполно го превртува нашиот вообичаен начин на размислување за Христос и Христијанството, и покажува дека вистинското, библиско христијанството е многу повеќе врзано за Христовата активност отколку со нашите морални и религиозни успеси.

Стихови 1-6: Помирувањето со Бог многу повеќе се одигра на Небесниот олтарот отколку на земниот крст

Во овој дел од поглавјето гледаме интересни изјави за небесниот олтар и прво-свештеникот. Тие имаат клучна улога за нас денес, и за можноста да се нарекуваме христијани.

Што е небесниот жртвеник, што се случи таму? Идеите што се начнаа во минатите поглавја се разврстуваат сега во овие стихови. Небесниот олтар е нешто што е надвор од нашиот универзум, надвор од нашето време, но сепак Мојсеј добил нацрт-план за да може да изгради сличен таков олтар во нашата реалност, на Земјава. Некои култури тој свет би го нарекле духовен свет, научниците би го нарекле парелелен универзум, филозофите би го нарекле друга димензија итн. Ама не ни е дадено да знаеме каков е тој друг свет. А штом таквата информација не ни е дадена, значи таа е небитна за пораката на Христијанството и за христијанскиот живот овде и сега. Си имаме доволно долга листа на работи што веќе ги знаеме, па треба да се потрудиме да го живееме сето тоа а не да губиме време со небитни работи.

Значи, небесниот олтар е надвор од овој свет, вон дофат на било кој од нас. Оној што бил изграден во Ерусалим повеќе служел за потсетник дека постои друга реалност, и потсетник дека сите сме во исчекување на првосвештеник кој еднаш и засекогаш ќе принесе жртва која ќе е доволна за миење на сите наши гревови. Тој небесен олтар е достапен само на некој кој е од тој небесен свет, а тоа е Христос. Иако од ово-земска перспектива Христос заврши на крстот, сепак тој крст е како мост кој го сврзува нашиот и тој друг свет. Така, Христовата жртва на крстот, иако направена на Земјава, досегнува и надвор од созданието, се до небесниот жртвеник.

И во ова се состои чудото на крстот. Не дека совршен човек беше распнат. Не дека самиот Бог се жртвува за да воспостави мир со нас. Чудото е што таа жртва направена овде, е ефективна и на небесниот олтар каде што се постигнува вистинското помирување.

Така, Евангелието, т.е. Добрата Вест е дека Хирстос е совршениот и единствениот првосвештеник кој беше достоен и во можност да принесе помирителна жртва на небесниот олтар и еднаш и засекогаш да ја реши ситуацијата со тој јаз меѓу луѓето и Бог. Затоа што не постоеше посовршена жртва од отелотворениот Бог, т.е Христос, Тој себеси се принесе како совршена жртва која еднаш и засекогаш го реши проблемот со одовеноста на човештвото од Бога.

Стихови 7-13: Христос (не етиката и обичаите) е фокусот на нашиот христијански живот

Најитересната работа во врска со Христос и неговата работа на олтарот е дека тоа воопшто не е нова вест. Напротив. Уште во Стариот Завет Бог покажа дека отсекогаш имал намера да не ослободи од идејата дека треба да сме некако посебно побожни за да може да се приближиме до Бога. Овие стихови се земени од Еремија 31: 31-34 со што ни се става на знање дека Христовиот акт на спасение е навестен стотици години порано. Во тоа спасение, во тој нов однос со Бог, основата е Божјата љубов, не нашата морална совршеност.

Така, врз основа на жртвата на Христос на небесниот жртвеник, ние веќе имаме простување на гревовите, како што с. 12 вели. Сега, врз основа на ова простување на гревовите можеме да го спознаеме Бога. Не треба да се прашуваме кој и каков е Бог, затоа што Тој ни се открива во Христа. Гледајќи Христос го гледаме Бога, како што и ни беше веќе спомнато во Евреите 1:3.

Што сето ова значи за нас?

Иако луѓето претежно зборуваат за Христос како жртва, во посланието до Евреите се вели дека Христос многу повеќе е небесен првосвештеник отколку морално-етички совршена жртва. Текстот исто така повеќе става акцент на тоа дека Христос е активен на небесниот олтар одошто на тоа дека Христос е веќе седнат на небесниот престол како Владетел.

Всушност, со самото тоа што Христос е вечен првосвештеник од редот на Мелихизедек (гл. 7), фокусот е ставен на Христовата непрекината активност на небесниот олтар (с. 1) со што ни се овозможува опростување и помирување. Воопшто не се спомнуваат популарните гледишта на Христос како совршена жртва или совршен морален учител.

Ова денеска би значело дека и ние треба да се фокусираме повеќе на тоа како Христос активно ствара мир меѓу човештвото и Бога, отколку да се замараме со обичаи и етика како што популарното Христијанство ни налага.

Ваквиот миротворечки живот неминовно ќе не оттргне од толку вообичаената ни омраза кон се што е различно од нас: хомосексуалци, муслимани, будисти, католици, протестанти, православци итн. Истовремено, тоа треба да не приближи кон идејата Љуби ближниот и Љуби го непријателот, што можеби и нема да е толку тешко ако се фокусираме на миротворие наместо на барање разлики и несогласувања.

Христовата работа на небесниот жртвеник е премостување на јазот меѓу нашиот свет и вечноста. Ние барем треба да се потрудиме да градиме мостови кон луѓето околу нас. Лесно е да ги сакаме гладните во Африка, ама предизвик е да ги сакаме оние со кои секој ден се гледаме во продавница, на паркинг, пред зграда итн.

Веројатно ќе треба цела вечност за светот да се преобрази во вакво Христолико миротворие. Арно ама, подобро да се потрошат животот и вечноста градејќи мостови наместо да бараме причини да ги гледаме од високо сите што не се како нас, и да бараме причини да си се гледаме себеси како подобри од оние околу нас. Во ваквото миротворие е тешкотијата да се биде Христов следбеник, не во тоа кој помалку грешни мисли имал, кој повеќе религиозни обреди направил итн.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website