1-6 Предноста на Христовата посредничка служба над воспоставените земски религиозни норми

3-5: Религиозните системи, основа или пречка за духовност?

Во целата наша историја како цивилизација различните култури на различен начин ја искажуваат својата религиозна свесност. Во сите системи на верување имаме толку различни сфаќања за божественото и за човечкото што е тешко да се даде прецизен број на сите тие различни учења. Само во Индија се вели дека има преку 100.000 божества на кои луѓето на овој или оној начин им придаваат важност.

Евреите, на кои им беше даден Стариот Завет, почнаа прво со еден повик кој Бог го упати кон Авраам, за после тоа да се јават 10те Божји заповеди, за потоа да се јават уште 630 закони за религиозно однесување предводено од Левитското свештенство, па се до сегашната ситуација каде околу секој од овие 630 правила има цел куп анекси, додатоци и коментари за тоа што всушност значи секој од тие закони.

Кај нас, иако културата е христијанска, самиот народ има накалемено толку различни идеи, учења, преданиа што веќе станува тешко да се одвојат Христијанските од паганските верувања и обичаи. Од скокања преку огништа до скокање во вода за да се фати крстот, народот си манифестира своја религиозност а притоа ретко кој ќе фати Библија во рака за да прочита нешто.

Горе-долу, ова е ситуацијата која ни е сумаризирана во 3-5 стих. Во ваква една ситуација, луѓето кои сакаат духовност без религиозност се во небрано.

Од оваа перспектива, сосема е сеедно дали живееме:

  • во Индија и нивниот кастен систем и 100.000 божества,
  • или сме во првиот век од новата ера како Евреи,
  • или па живееме во денешно време.

Тие кои сакаат искрено да се приближат до Бога преку придржување на обичаите се приморани толку многу енергија да посветат на тие обичаи што за Бога не останува ниту сила ниту време.

1-3,6 Исус ни дава опција за побожност без религиозност

Досега, во целото Послание до Евреите покривме многу прашања преку многу илустрации и паралели. Целата поента на сите 7 претходни глави всушност сега ни е дадена во првите два стиха. Во слободен превод, овие стихови би гласеле вака:

Што ми беше муабетот во досегашниов текст? Муабетот ми е дека ние во Христос имаме таква опција, дирекно да добиеме побожност без да се мачиме со религиозност. Тоа затоа што Исус во своето вечно постоење е оној вистинскиот вечен свештеник кој служи на вистинскиот олтар, кој не е човечка творевина како целата оваа религиозност во која ние денес се давиме. Поради ваквото вистинско и вечно застапување/бранење на нашите интереси, ние денес во истиот тој Христос имаме:

  • далеку подобар пристап до Бога,
  • со далеку подобри услови, и
  • далеку подобри резултати.

Во Исус имаме посредник кој со своето дејствување на небесниот олтар ни овозможува пристап кон Бога по многу подобри услови, пред кои земските религиозни обреди се само блед одсјај од вистинското заедништво кое Христос го осигурува. Благодарение на неговата вечна служба на тој олтар кој што е надвор од оваа наша реалност (универзум, димензија…), сите тие религиозни обреди се сосема непотребни и излишни.

7-13 Новите услови и новиот однос кој Бог ни го овозможи

Во времето кога на Еврејскиот народ им бил даден целиот систем со религиозни закони, тие како народ биле исти како мали деца. На малите деца им е потребна непосредна грижа, поуки, а за нивна заштита потребни се и јасни правила и прописи. Исто како што на мало дете мораме да му забраниме да чепка по штекови и да не си игра со оган, така Бог на Израелскиот народ морал да им даде јасни граници. Не за да им ја ограничи слободата туку да им овозможи рамка во која што тие ќе можат безбедно да созреваат како народ.

Меѓутоа, како што гледаме во текстов, луѓето се склони да забораваат и да се бунат против законите. Иако Бог како мали деца за рачиња ги води Израелците надвор од Египет, што е слика за ослободувањето од гревот кое Бог им го дава на сите оние кои го следат, читаме во Стариот Завет дека на Израелците малку им требало за да кренат раце од Бога и да си тргнат по свој пат (епизодата со златното теле додека Мојсеј е на Синајската планина).

Во тоа време, договорот кој што Бог го склучува со луѓето е: Следете ме, бидете послушни, и Јас ќе сум со вас. Кога вашата посветеност ќе замре, ќе замре и мојата заинтересираност за вас. Горе-долу тоа е и заветот кој што секоја држава го склучува со своите граѓани: почитувајте ги законите и државата ви е заштитник. Ако ги прекршите законите, државата од заштитник ќе ви стане судија.

Ваквиот однос после некое време прераснува во разуздан патриотизам или во апатија кон државата. Од друга страна, во случајот со побожноста, луѓето или стануваат религиозни фанатици или креваат раце од било каква религиозност.

Во 9ти стих гледаме дека луѓето после некое време станале тотално незаитересирани, индиферентни за Бога. Нивната индиферентност резултира со нивното непочитување на заветот, па така Бог ја откажува покровителската улога над поединците кои се индиферентни. Oва општеството станало претежно индиферентно, Израел како нација се распаѓа и е поробен од околните воени сили.

Во стиховите 10-12 имаме една многу интересна слика за тоа како Бог пронаоѓа решение за ваквиот проблем. Стиховите градат една целина со фокусна точка во 9ти стих:

* Ќе направам нов завет/договор со Израел (т.е со оние кои сакаат да се побожни)

** Ќе им ги врежам моите вредности во нивните умови (природно ќе им е да се побожни)

*** Јас ќе сум нивен Бог, а тие ќе се мојот народ

** Сите ќе ме познаваат, од најглем до најмал (непречена побожност за сите)

* Ќе им бидам милослив и нема да им замерам за нивните гревови (простување како основа за договорот)

Овде гледаме дека работите се потполно променети. Порано, човекот требаше да посака побожност, да исполни некои правила, па дури тогаш да е достоен за Бог “да го прими кај себе“, т.е да го прифати таквиот човек.

Сега Бог самиот ни вели дека работите се поинакви. Поради Христовата вечна служба на вон-временскиот, вон-овосветовен олтар, нам ни се простени гревовите, не ни се држи за зло тоа што упорно сме морално и етички нечисти. Благодарение на Христос, овие работи веќе не се пречка за ние да му пристапиме на Бога, вакви какви што сме, со сите свои мани и недостатоци.

За ситешто сакаат да се побожни, преку верата во Христос, со тек на време ќе ни станува се понормално и поприродно да ја извршуваме Божјата воља. Со други зборови, преку верата во Христовото дело, нашата природа, нашите желби ќе се сменуваат па побожноста нема да ни е товар туку манифестација на нашето внатрешно и ново ЈАС.

Додека стариот завет за прифаќање од Бога од нас луѓето бараше редовна послушност и придржување до правила и прописи, со новиот завет кој Исус го овозможува, Бог е тој кој го прави првиот чекор на простување, и на основ на тоа простување на гревовите, ние луѓето конечно можеме да бидиме Божји народ кој сега од благодарност и духовна променетост живее вистински побожен живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website