Пред воопшто да почниме со разгледување на текстот, едно логично прашање: Зошто воопшто да се занимаваме со Библијата, конкретно, со посланието до Евреите?

Затоа што Библијата, и посланието до Евреите, ни служи како решение на лавиринт. Низ животот правиме одлуки кои не водат кон некоја страна. Со помош на Библијата и Евреите, може да го преиспитаме својот досегашен живот и да видиме каде имаме погрешено, и како да си го најдиме патот низ животниот лавиринт.

Во текот на првите 5 поглавја видовме дека основата на нашиот христијански живот не е тоа колку сме ние религиозни туку самиот Христос, и колку ние сме спреми да го живееме овој живот со Него.

Глава 6 не раздрма да се вратиме во реалност: Живеењето христијански живот значи надминување на основните прашања на верата како спасение и крштевањето, и стремеж кон подлабоки вистини.

Во Главите 7-8, конечно ги заминавме едноставните идеи и од мелко одиме кон месо, вистинска духовна храна за возрасни верници. Овде видовме дека Бог отсекогаш планирал да ни обезбеди начин на спасение, кое се потпира на вечната Божја добрина, а не на нашата временска морална и религиска успешност. Ваквото спасение беше постигнато на небесниот жртвеник, така што Христовиот крст е поставен како мост меѓу Земјата и Небесата. Така, нашата побожност зависи многу повеќе од свесноста за Божјата улога во нашите животи отколку од тоа колку сме религиозни и морално чисти.

Сега, во 9 глава се среќаваме со четири прашања во врска со жртвите што Евреите ги правеле со векови, како Христос го смени сето тоа, и каков е ефектот на Христовото дело за нас денес, како современи христијани.

  • Жртвениот систем никогаш не бил наменет за спасение, туку како потсетник/предвесник за Христовото дело (сс. 1-10)
  • Христовото спасение се одигрува во небесниот храм, каде Христос е жртва и принесител. Преку Него ние конечно и вистински можеме да живееме побожен живот (сс. 11-15)
  • Животинските жртви не беа замена за нашата смрт. Тие, всушност, се симболи за најголемата жртва: Христос. Жртвите чистеа само симболично, чистењето со Христа е вистинско. (сс. 16-26).
  • Христовата жртва е направена еднаш и за секогаш затоа што небесниот жртвеник е вечен (односно вон нашето време, вон Созданието). Следниот пат кога ќе се појави, Исус не ќе го носи крстот, туку ќе ни донесе спасение. (вв 27-28)

 

сс. 1-10: Обредите не ствараат мирна совест (с.9)

Во с. 1-10 добиваме кратка прошетка низ историјата, за да се потсетиме зошто беше изграден шаторот за кој Мојсеј доби план за изградба. Ова е важна сцена која ни е дадена со цел подобро да разбереме како Христос е различен во однос на Мојсеевиот цикличен ритуален религиозен систем кој се врти околу жртви и секојдневни покајанија.

Описот на Шаторот е тука за да ни покаже дека постојат причини за целиот тој религиозен систем. Тоа не е “само така нафрлано”, се си има своја цел. Всушност секое парче мебел во шаторот, а подоцна и храмот си имаше значење и улога во религиозниот живот на Божјиот народ.

Секој поединец бил одговорен за своето однесување и секојдневната верска чистотата. Но, имало и поширока ситуација: помирување на нацијата со Бога врз основа на една жртва направена од страна на првосвештеникот. Ова е кога жртвата за национално “покајание по дифолт” се принесувала во Светињата на светињите, опишано во овие стихови.

Но, дури и овој национален ден на помирување бил само дел од долгата, годишна религиозна рутина. Секоја година првосвештеникот наново принесувал жртви за помирување на луѓето со својот Бог. Значи, иако со многу детали за верската чистота и религиозниот живот во целина, жртвениот систем со сета негова сложеност едноставно не можел да обезбеди духовен мир ни за поединецот и за општеството.

Во таа смисла, целиот верски систем изграден околу жртви, не бил механизам за решавање на проблемот на гревот. Тој бил само еден потсетник дека, без оглед на тоа колку е добар поединецот, се уште нема внатрешен, и мир со Бога.

Денес, не можеме да кажеме дека сме напреднале околу прашањето за мир со Бога.

На една крајност се разочарани, неверни луѓе на кои им пукнал филмот и велат “Ова е невозможно и бесмислено. Зошто да се мачам со религијата кога знам дека неможам да постигнам духовно совршенство? Значи, зошто се мачам? Батали религија. Батали морал. Не ми е гајле што другите велат за моите религиозни ставови. Не ми е гајле што Бог мисли за мене. Впрочем, јас дури и не верувам дека постои Бог! ”

Другите одат во друга крајност: верски фундаментализам. Таквите толку многу се мачат да станат морално супериорни што забораваат дека сé уште живеат на оваа земја. Таквите луѓе па од високо ќе гледаат на сите околу, мислејќи си: Види колку сум свет, се молам секој ден, читам Библијата секој ден, дури и на памет учам библиски пасуси, и види какви длабоки духнвни мисли имам. Јас живеам здрав живот, не пијам, не пушам, не пцујам, не лажам итн. Гледаш? Јас сум далеку подуховен од сите вас.”

Кога народите ќе се фокусираат на поединечните достигнувања, ваков поларизиран поглед на себеси обично резултира во една од овие два случаи:

  • Морална безгрижност: Голтајте што животот има да ви понуди. И онака ништо од тоа влијае на душата, зошто е одвоена од телото.
  • Фундаментализам: баталете го телото, и онака со тек на време ќе умре. Изгладни го, разнеси го на парчиња, барем ќе си ја ослободите душата.

И она што на почетокот било дадено/замислено да ни служи како потсетник дека си имаме проблем со гревот и потребна ни е помош… резултира со двојба на луѓето. Некои во револт се вртат против религијата во која не наоѓаат мир, а некои па поради истиот тој немир си ставаат духовни маски за да си ја смират совеста.

За среќа, нашиот текст не завршува тука. Да продолжиме со наредната секција.

(С. 11-15) Христовата служба ни дава мирна совест (14)

Замислувајќи го крајниот резултат на човечката самостојност, веројатно би живееле во свет полн со неколку типа на луѓе:

  • досадни монаси затворени во манастир, кои не се грижат за ништо надвор од манастирот и не ги знаат потребите на оние кои ги поддржуваат
  • нестрпливи и милитантни верници кои едвај чекаат прилика да се разнесат себеси и другите околу нив “за славата Божја”
  • нарцисоидни самопрогласени верски водачи кои слепо следејќи го своето его со себе влечат многу други луѓе по погрешен пат, а не се ни свесни за тоа.
  • Луѓе кои во потполност отфрлаат било каква идеја за Бог и тргнале на пат да си ги задоволат сите свои апетити и желби без притоа да размислат за долгорочните ефекти на таквиот живот.

Но, не сме оставени сами на себе. Со Христовото доаѓање во нашиот свет, дадено ни е до знање дека работите нема да си останат по старо. За разлика од земскиот храм кој ни беше потсетник за тоа колку очајно ни треба помош, Христос сега ја носи таа помош и благодарение на неговото дело односот меѓу човештвото и Бог е обновен врз основа на Христовата послушност, а не нашата.

Постојат две прекрасни нешта тука:

  • Благодарение на Христовата жртва веќе нема потреба од страв и криење. Казната за гревот на човештвто ја плати Христос Бого-човекот, за ние луѓето да не мораме да се мислиме како да го подмириме тој долг.
  • Во Христа ние конечно можеме да престаниме со грижите и прашањата дали сме доволно чисти, верни, свети за да застаниме пред Бога, и конечно може да почниме да го живееме животот во мир и посветеност кон Бог.

(16-26)Христос и Гревот: Зошто крстот бил неизбежен

Во 16-26, го гледаме контрастот меѓу циклилниот ритуален религиозен живот и Христовата жртва која е направена еднаш за секогаш.

Во стариот цикличен религиозен систем, луѓето беа фокусирани на вина и срам: “за Бога, дури и вашите најдобри дела се како валкани партали.” Но со Христос, нашиот фокус не е на тоа колку сме ние вредни, морални, чисти… туку колку Христос е верен со тоа што го обновува односот меѓу нас луѓето и Бога. Овој нов однос не е наша заслуга, туку подарок.

Зошто Христос морал да умре, за овој Нов Завет да може да проработи? Бидејќи имаше вистински проблем: Гревот не е само измислица на лут или љубоморен Бог. Гревот продрел длабоко во човештвото и го одвоил човекот од Бога. Ако погледнете доволно длабоко, секој општествен проблем ќе го препознаете како вкоренет во гревот.

Со 26ти стих можеме да речиме дека е затворен еден голем циклус идеи кој почунва со Евреите 6:5. Тамо се велеше дека е невозможно обратените кои се одвлечени во светот да се повикаат на наново обраќање зошто тоа би значело како Исус наново да мора да е распнат за нивните нови гревови. Овде, во 26ти стих, ни се поновува таа идеја дека Христовата жртва е направена еднаш и засекогаш, за секој еден кој е желен за единство со Бога.

(27-28) Страв или за исчекување на второто Христово доаѓање?

Во 27-28 се среќаваме со уште една исправка на популарна идеја. Низ вековиве, многу учители ги бодреле луѓето околу себе сериозно да си ја сфатат верата и да живеат морален живот. Но поттикот бил со плашење: Средете се инаку тешко вам кога Исус ќе се врати.

Но, тука гледаме дека верните треба радосно да го очекуваат враќањето на Исус, кој е нашиот спасител, не е страшен судија. Ваквите позитивни идеи за иднината одат рака под рака со идејата дека Христос не ослободи од гревот. И бидејќи гревот е решен проблем, не постои причина за осуди, и нема потреба од страв за оние кои со нетрпение го чекаат неговото доаѓање.

Иако некои би можеле да ги користат овие стихови за да ги пренесат дебата за универзалноста на спасението, тоа е дискусија за некое друго време.

Во нашево проучување на Евреите, а посебно Глава 9, се фокусираме само на главните поенти:

  • Религиозноста не помага без разлика колку и да се трудиме. Религиозноста е само потсетник дека очајно ни е потребен нов план, нова стратегија која не се ослонува на твоите способности.
  • Христос еднаш и засекогаш го решава проблемот со гревот. Неговата жртва на небесниот жртвеник е тоа вечно решение. Благодарение на Христос, конечно можеме да живееме побожен живот како последица на обновеното пријателство меѓу Бог и луѓето, а не предуслов за таквото пријателство.
  • Конечно можиме да го уживаме овој животен танц затоа што ги учиме чекорите и ја пратиме музиката. Ваквиот радоесен живот ни овозможува да сме ефективни и корисни за оние околу нас, и во таквото служење, го искусуваме тој мир кој го надминува секое разбирање, затоа што во Исус гледаме пријател, не судија. Тој е нашиот Бог.

Вака, според Глава 9, ние треба да гледаме на религиозноста, улогата на Исус Христос во обновата на заедништвото со Бога, и нашиот живот и како христијани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website