Духовден е наречен и крајниот, односно крајот на празниците во Црквата. Црковните празници почнуваат со Божиќ, Богојављение-Водици кога Исус е крстен, Цветници-денот кога Исус влегува во Ерусалим, Велики Четврток велики Петок, Мртва Сабота и Велигден се деновите на Исусовото предавство, осуда, смрт и воскреснување. Потоа следува Томина недела односно седмицата од Исусовото воскресение до Исусовата објава пред Тома, и серијалот празнци завршува со Педесетница, кога Светиот Дух слегува врз Црквата и со тоа и официјално започнува ерата на Црквата која е составена од сите оние кои веруваат во Тројството и се запечатени со Светиот Дух. Во Старозаветно време Светиот Дух се појавувал и исполнувал избрани луѓе со цел да извршат некоја конкретна задача, но после Педесетница, Духот е даден за секој еден верник, засекогаш. Јован Златоуст со право вели дека за Црквата, Духовден може да го славиме секој ден!

По народите има различни преданија за овој ден, како и за оние кои се родени на овој ден. Некои одат по гробовите цела ноќ се на гробишта, раздаваат и јадат храна како акт на обновено заедништво со мртвите. Така Духовден станува ден на духовите на мртвите. Белите мермерни погребни плочи стануваат трпези на кои луѓето јадат и пијат во спомен на мртвите.

Низ вековите многу пастори и проповедници размислувале за црковните обичаи, и размислувале до кој степен треба да вршат притисок врз народот со цел да ги одвратат од нивните погански обичаи. Некои учители заклучиле дека најдобро е на тие погански празници и обичаи да се наметне христијанска реторика и христијанска симболика:

  • денот на сонцето станал ден за одење во црква. Во англискиот јазик зборот за Недела е ден на сонцето.
  • Зимската раноденица е покрстена како Божиќ а дарувањето дарови е пресликано од римскиот празник Сатурнија, и така натаму.

Подоцна многу пастори и учители дошле до заклучок дека народот ќе си ги турка своите обичаи, па поранешната граница да не се прави ништо што не е спомнато во Библијата ја поставиле така што тие народни обичаи да не дојдат во директен конфликт со она што Библијата го учи. Така, исфрлени се жртвувањата на животни на празниците, јавни пијанки и гозби и разни други невкусни работи затоа што сите тие такви практики биле во директен конфликт со Библијата.

Па како Библијата го опишува овој ден?

Спуштање на Светиот Дух, Икона од Кирило-Белозерскиот манастир во Русија

Спуштање на Светиот Дух, Икона од Кирило-Белозерскиот манастир во Русија

Пентекост како Старозаветен празник

Денот Педесетница, или Пентекост, или Духовден, е всушност старозаветен празник на раната жетва. Овој празник за Евреите бил важен, па луѓе од разни краеви на земјата доаѓале во Ерусалим на овој празник. Така има смисол дека во Дела 2:5-13 се наброени доста странски јазици, и според тоа како ги делиме наброените, може да се стигне до 12 различни јазици, каде секој од апостолите зборува еден странски јазик за сите луѓе да ја слушнат веста за “моќните Божји дела“ како што вели стих 11. Духот им дал на апостолите способност да зборуваат на странски јазици со цел луѓето да ја слушнат и разберат пораката за Божјите моќни дела.

Во Дела Апостолски на самиот почеток, во 2-ра глава, го читаме настанот на Педесетница. Авторот на книгава, апостолот Лука, ни кажува на сам почеток дека она што порано било крштавање со вода како симбол за измивање на гревовите и почеток на нов и побожен живот, сите ние го имаме сега преку крштавањето со Светиот Дух. Ова крштавање со Светиот Дух е со цел целата црква да биде Божји сведок од најблиското место до најдалечните предели на земјава (1.8).

Малку историја на Дела Апостолски

Апостолот Лука го напишал Евангелието по Лука и Дела Апостолски како една голема книга, наменета на честитиот Теофил, како што читаме во Лука 1:3 и Дела 1:1, е некој повисок државен службеник. Обраќањето кое Лука го има во евангелието како „честити Теофиле“ е многу слично на обраќањето према цар, пример, честити царе. Целта на ова збирно дело како што Лука објаснува, е со цел Теофил да добие правилни информации од прва рака, од очевидецот Лука. Ваквиот пристап за информирање е со цел да се побијат разните дезинформации кои Теофил ги има чуено од различни извори, па редно е Лука, образован човек, лекар, да напише како навистина се одвивале настаните.

Така Дела е како втор дел од една книга која е напишана со истата цел, да му ги објасни хронолошки работите околу Исусовата и службата на Црквата на еден државен достоенстевник кој е толку битен што на Лука му се „исплаќа“ да потроши поприлично време и ресурси да ги напише овие две книги. Во првата книга, Евангелието, фокусот е на Исусовиот живот, учење, служба, распнување и воскреснување. Во вториот дел, во Дела Апостолски, фокусот е на службата на Црквата во проповедање на радосната вест за спасение преку вера во Христос, кој е потврден како Божјиот избраник преку моќните дела што ги правел, и најмногу преку воскреснувањето, со што се исполнети и пророштва запишани во Стариот Завет.

Вообичаено толкување на Дела 2-ра глава

Во Дела 2 секој ќе очекува дека фокусот е на Светиот Дух, на настанот во горната соба каде апостолите го примаат Духот. Ако денеска разговараме за Дела 2, огромно мнозинство во црквите ќе застанат на настанот во горната соба и на звуците што се слични на силен ветар, и на огнените јазици, занемарувајќи ги зборчињата “Како кога дува“ и “како од пламен“. И така она што во самиов текст е споредба, ние си го отфрламе и си велиме дека врз апостолите се спуштил ветар и пламени јазици, иако текстот не го вели тоа, туку само споредува надприродна појава со природни појави со цел да ни стане опипливо она што се случува. Но во целата втора глава, Светиот Дух е спомнат само неколку пати. Останатите стихови се фокусирани на Христос, кој е тој, што Бог постигнува преку Христовата смрт и воскреснување, и најважното, што сега ние треба да правиме со овие информации?

Петровата проповед (2:14-40)

После мрморењето на луѓето дека апостолите се пијани па бладаат на непознати јазици, Петар настапува со својата проповед со тоа што на собраните евреи им се обраќа онака како што тие би очекувале, преку цитирање на Пророците. Така пораката на Петар е заснована на еврејската библија и луѓето се донесени пред свршен чин каде што од нив се очекува да го направат последниот чекор.

Во цитатот од пророкот Јоил Петар сака да истакне една работа: оние последни денови за кои Јоил има пишувано, се овие денешни денови. Пророците го повикуваат народот кон Бога со тоа што го потсетуваат народот за моќните Божји дела, баш така како што и апостолите зборуваат на странски јазици. Тоа е еден јасен знак дека ова се тие последни денови, затоа што секој е дојден од друга држава, но сите слушаат пророчки повик за враќање кон Бога поради тоа што Бог прави моќни дела. Другиот доказ дека ова се последните денови се затемнувањето на сонцето кога Исус е распнат со зборовите на пророкот Јоил овде во Дела 2: 19, 20.

Повеќето луѓе во толпата можеби и биле на денот кога Исус влегува во Ерусалим, и можеби многу од овие луѓе на тој ден ги фрлале своите наметки и палмини листови кога Исус влегува во Ерусалим, за само после неколку дена истите тие да викаат “распни го“. Сега тие луѓе се донесени пред свршен чин со незгодна порака: Оној кого го распнавте, тој беше Божјиот избраник. Оној кого вие го убивте, вели Петар, Бог го потврди пред вашите очи со многу чуда и знаци, а вие таквиот потврден од Бога, го убивте во соработка со римските власти.

Религиозните власти од тоа време соработуваат со римските власти со цел да го отстранат Исус на кому му е накалемена клевета дека демек Исус зборува против римските власти и се противи на плаќањето данок, како што читаме во Лука 23). Со тоа што Бог го воскреснува, практично се поништени делата на оваа коалиција на религиозните и воените водачи против Исус. Така целата таа машинерија за контрола и застрашување на народот со цел да се обезбеди негова потчинетост, во Исусовото воскресение се распаѓа. Со тоа што здружената активност во убивањето на Исуса е поништена, како Господ да кликнал undo на нивната работа, се покажува дека колку и да се величаат властите, сепак Исус останува крал над кралевите.

Петар во својата проповед го цитира и Псалм 16 и го објаснува така што Псалм 16:10 и Дела 2:27 посочувајќи во 29-34 дека всушност Давид за Исус пишува дека Бог нема да дозволи смртта да го победи Божјиот помазаник... а тој помазаник не е Давид штом му го гледаме гробот секој ден, вели Петар. ИСУС е помазаникот кој што смртта нема да го надвладее. Давид за Исуса пророкува во Псалм 16. Тој Исус, кој е Господ и Месија, вели Петар во 2:36, е оној кој вие го распнавте.

Реакцијата на толпата

Видовме како исполнетоста со Духот ги оснажува апостолите да почнат да го повикуваат божјиот народ кон Бога со тоа што проповедаат за моќните Божји дела на странски јазици за секој човек да ја чуе пораката. Ова е добра основа за Петар да почне со својата проповед и набрзина да ги донесе луѓето од состојба на исмејување на апостолите во состојба на страв и соочување со незгодната вистина дека Месијата кого што цел Стар Завет го опишува, овие луѓе не го препознаваат и го убиваат. А Бог го докажува идентитетот на Исус како Господ и Месија со тоа што го воскреснува од мртвите.

И што сега да сториме? Вака реагира зачудениот народ со кнедла во грлото. Петар на свој громогласен начин без колебање им го дава следниот чекор во Дела 2:38-49: Покајте се! Крстете се сите во името на Исус како основа за проштавање на вашите гревови, и ќе го примите Светиот Дух. Оваа порака важи за вас овде, и за сите оние кои ќе ги среќавате кога ќе се вратите во своите домови каде и да се. Во тој ден се крстиле и присоединиле кон црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденден на црквата Божја.

Што е, а што не е Педесетница/Духовден/Пентекост?

Духовден така, не е празник за духови. Духовден е празник за моќното дело на Исус, преку кого секој еден од нас има простување на гревовите и спасение. На основ на таа Исусова жртва, преку вера во Него, ние го добиваме Светиот Дух но не само за наша лична изградба. Духот ни е даден за да можеме оваа порака да ја пренесиме до крајот на светот, како што во Дела 1: 8 е запишано. Духовден е роденденот на Црквата.

Пентекост не е ден за потсетување за ние да бараме некакви посебни откровенија или некакви мистични доживувања. Пентекост е ден за потсетување дека неспознајливиот Бог, недосегливиот и невидливиот Бог стана близок, видлив, опиплив, во Исус. Духот ни е даден како залог, како печат дека сме засекогаш Божја сопственост, и преку тој Дух ние имаме сила да го однесеме евангелието до крајот на светот. Значи, фокусот е на спасението во Христос, и на силата во Духот да проповедаме секаде, а не да седиме позади затворена врата и да си вергламе религиозни муабети.

Иако Духовден е денот кога Светиот Дух слегува врз Црквата и останал до ден денешен, тоа Негово присуство е со конкретна цел. Слегувањето било чудно, со бучава и необјаслива манифестација на присуството и исполувањето, “како ветар да дува и како оган да гори, па тие што се исполниле со Духот зборувале на непознати јазици“. Меѓутоа да се фокусираме на овие работи а да ја испуштиме поентата на доаѓањето на духот е многу нелогично.

Тоа е како да сме на роденденска прослава со разни игри, музики, торти и што ли не. Сето тоа е супер, и го наговестува славеникот, т.е детенцето кое еве на тој ден наполнило 2, 3, 5, 10 години. Поентата на роденденот не се ниту тортите, ниту музиката, ниту подароците. Поентата е животот на славеникот.

Доаѓањето на Духот дефинитивно е натприродна појава. Но да се фокусираме само на тие 3 манифестации: звукот, оганот и јазиците, е како да го сведиме еруптирањето на вулканот на бучава, облаци и земјотрес… а да не сфатиме дека сите тие работи се само гласници на спората но незапирлива промена на лавата која излегува од тој вулкан за секогаш да го промени изгледот на природата околу тој вулкан.

Така е и со Пентекост. Тоа е ден кога Светиот Дух се вселува во Црквата, во сите оние кои веруваат во Христос. Да, тој настан бил невообичаен и дури страшен, како што е ерупцијата на вулканот. Но поентата на доаѓањето на Духот не е мистика, туку практичност. Преку Духот, ние сите ја имаме силата која Исуса го воскресна од мртвите, за да одиме низ целиот свет и да бидеме Христови сведоци, во нашиот град, нашата држава, па се до крајот на светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website