Ако се присетиме на школските денови знаеме дека после секој одмор влегувавме во училница свежи и весели. Но како што часовите поминуваа така ентузијазмот беше заменет со досада па дури и дремка. Христијанскит живот е сличен, почнува со ентузијазам ама после некое време на сите ни е доста и сакаме да заѕвони ѕвончето за да си одиме дома и да се опуштиме.

Во ова поглавје, конечно сме минута пред ѕвончето да ѕвони. Исто како во последниве минути од училишниот час, додека учителот ја сумаризира поминатата лекција во неколку реченици, во оваа глава ги гледаме главните идеи од целото ова послание, како учителот што пред крај на часот ги повторува работите кои мора да се запаметат.

Во претходните 12 поглавја видовме дека суштината на христијански живот не се ритуалите туку практичната вера. Оваа вера во Христос не е нешто што не става во пасивен живот, седнати под некоја палма во потрага по мир, со затворени очи и длабока медитација. Не. Мирот кој надминува секое разбирање, мирот кој Бог годава ние го доживуваме преку активен живот, бивајќи активно вклучени во заедницата каде Бог не поставилИ додека ја туркаме целата таа тешка работа, со сите разочарувања, предавства, исмејувања итн… клучната работа е да се фокусираме на следниот исправен чекор а резултатите да му ги препуштиме на Бога.

Сега, во 13то поглавје набрзина ќе ги разгледаме последните, сумаризирани идеи од ова послание кои не смееме да ги заборавиме.

1-6 Непознати, Затвореници, Брак и Пари: Како да се поставиме према овие нешта?

Текстов почнува со алузија на една интересна слика од Стариот Завет, поточно на сликата кога кај Аврам и Сара одат тројцата свети луѓе (првата теофанија-божја објава како тројство), и благодарение на гостопримството што Аврам го покажува, неговиот живот е потполно променет. Брзиот и очигледен заклучок е дека и ние треба да сме отворени на нови луѓе во нашите животи зошто не знаеме на кој начин Бог ќе не допре реку тие луѓе. Можеби Бог ќе не потсети на нешто важно преку нив, а можеби тоа ќе е и животна ситуација како со епизодата со Раав која ги спасила Јошуа и Калеб.

Следниот попроблематичен случај е со наредбата “присетете се на оние кои се во затвор“. Дали ова значи дека примачите на посланиево веќе познаваат некои кои се во затвор, кои можеби се затворени поради нивната вера? Стих 23 спомнува дека Тимотеј е ослободен, и голема е веројатноста Тимотеј не е единствениот затвореник поради верата. Имајќи го во предвид Ев. 10:33-34, можно е да станува збор за луѓе од таа заедница кои сеуште се во затвор и овој повик е упатен за примачите на посланиево да не заборават дека луѓе од нивната заедница сеуште страдаат поради нивната вера. Ако ова е точно тогаш повикот во Евреите е повеќе потсетување да се грижиме за верните, дури и за оние кои не се покрај нас а кои страдаат ради верата. Повикани сме да немаме страв да се вратиме во оние ситуации каде порано сме биле, за да им помогнеме на тие кои се сеуште таму заглавени. За некого тоа е враќање во затворите, за некого во школите, за мене тоа беше враќање во Охрид.

Дали тогаш ова не е повик за општа служба по затворите, со криминалците? Незнам. Меѓутоа контекстуално гледано, побрзо би рекол дека ова е потсетник дека дел од заедницата е под прогон и ние кои сме слободни треба да се грижиме за оние кои страдаат ради верата. Гледајќи ги овие стихови од ваква перспектива ме носи до заклучок дека тесктов повеќе не повикува да им ги олеснеме страдањата на Христијаните во прогон отколку кон општа социјална работа.

Прашањето за бракот овде се однесува на почит од сите, и верност на брачните партнери. Има еден куп луѓе кои сакаат да ја променат дефиницијата за брак и да не присилат да ја прифатиме нивната дефиниција. Но, работата е во тоа што бракот е од Бога дадена институција и само Тој има право да ја дефинираОва е една од оние вистини кои не се дефинираат со гласање. Ова ни е дадено во крајна форма. Слично како заповедта Не врши прељуба. Или се придржуваш, или не. Трето нема.

Прашањето за парите е интересна работа. Алузијата на Стариот Завет и стихот “Никогаш нема да те оставам, никогаш нема да те заборавам“ го носи прашањето за парите во интересна насока.

Тука не станува збор против собирање богатства туку за ослонување на Бог во било која ситуација. Стравот од беспомошност, стравот од безизлезни ситуации, стравот од гладување… за такви стравови станува збор овде. Работата е во тоа што поставуваме директна врска меѓу парите и сигурноста.

Ова не значи дека во парите нема сигурност. Работата е во здравата претстава за парите. Парите се алатка за живот и се разбира дека ни се потребни. Парите ни требаат како што и воздухот ни треба затоа што сите животни намирници си имаат своја цена. Да, добиваме сигурност кога имаме пари, но парите не го прават Бога непотребен. Парите не се замена за Господ исто како што и верата не е замена за работење.

Во овој прв дел од нашиот школски час покривме доста итересни и динамични идеи. Овде научивме дека:

  1. Отвореноста кон нови луѓеможе да не одведе во интересни ситуации
  2. Не треба да се плашиме да им помагамена оние кои се отфрлени/осудени/исмејувани ради нивната вера
  3. Спротивно на општото мислење,бракот не можеме да го редефинираме, и неможе да ги гледаме парите како замена за Бога, ниту пак Бога да го гледаме како замена за пари.

Сс. 7-25 Водачи: Што да правиме со нив?

Што се однесува до водачите и како да се поставиме према ним, овде имаме јасна водилка: Разгледајте ги резултатите од нивниот начин на живот. Ако ти се допаѓа она што го гледаш, имитирај ги. Ако ова подетално го објасниме, тогаш Христијанските водачи на кои би се огледале треба да ги бираме на исти начин: Да ги согледаме нивните животи, и ако ни се допаѓа како живеат, треба да ја имитираме нивната вера.

Да се следи некој водач значи да се живее со тој човек. Само така може да учиме од водачите. Не може да ги следиме оние со кои не се ни познаваме. Така да, не може папата да ти биде водач, ниту па Били Грејм… тие не ни знаат дека ти постоиш. Ако не сме во лично пријателство со водачот, нема што и како да следиме.

Интересната работа е во тоа што водството е двонасочно дружење. Ги следиме водачите преку интеракции. Следењето е живо пријателство. Предизвикот е да сме поучливи, да сме пријатни следбеници. Лидерското дружење е всушност менторски однос. Ако не му се препуштиме на локалниот водач да не поучува и образува, тогаш и не сме вистински следбеници.

Понекогаш сме отворени за поуки и водство. Во мојот живот сум имал десетина зрели верници кои ми биле како ментори, и тоа беа интензивни менторства. Се среќававме по барем два пати неделно за разговори, поуки, проучување на Библијата, читање и дискутирање за разни книги итн. Со повеќето ментори поминував барем две години во поуки. Ова за мене се буквални ситуации на “железото со железо се остри“.

Понекогаш, за жал сме премногу тврдоглави и се опираме и на поуките и на водството. Сум бил во двете позиции и знам колку им било тешко на моите ментори кога сум се опирал на поуките, пред се затоа што не сум сакал да ги сослушам. Не бев лесен за менторирање, но благодарение на Бога тие поединци не се откажаа од мене. Без нивното менторство денес ќе бев некој сосема поинаков човек.

Исто така сум бил за многу луѓе и ментор. Низ годиниве, во разни цркви и разни групи ја имав таа привилегија и одговорност да поучувам многумина:

  • Некои беа лесно поучливи, пораснаа во верата и сега поучуваат други млади луѓе
  • Некои беа премногу тврдоглави, не слушаа, премногу беа зафатени со други работи и не се замараа со духовен растеж

Во сите случаи кога поединецот бил спремен да слуша, да учи, да расте, да ги менува своите уверувања се случувале интересни и охрабрувачки работи. Не дека било лесно сето тоа да се постигне но резултатот ги оправдал сите залагања. Другите па кои не беа спремни да го следат водството застранија во разни чудни идеи, обичаи, преданија итн. Како што гледаме во текстот овде, таквите го сведоа Христијанството на придржување на список со „ духовни работи“, како верата да може да се сведе на обичен список со дозволено и недозволено однесување.

Во вторава група стихчиња водовме како да си одбереме добри водачи, како да живееме со нив и да бидеме добри следбеници. Ова ќе ни помогне да сме подобри луѓе, постабилни верници. Растежот не е лесен, не се завршува набрзина но вреди да се вложи напор. Сите ние сме поканети да следиме и да бидиме следени затоа што сите ние сме еден непрекинат ланец верници кои учат едни од други и растат заедно во побожноста.

Сумаризација

Штом школското ѕвонче веќе го означи крајот на последниот час, ајде набрзина да ги повториме главните точки во ова поглавје кое и самото се обидува да ги сумаризира идеите од целото послание:

  1. Имајтецврста посветеност на локалната заедница. Помагајте си, служете, поучувајте се, охрабрувајте се, па дури и по цена да ви е непријатно и страшно сето тоа
  2. Бидетегостољубиви за нови луѓе затоа што не знаете на кој начин Бог може да ви го промени животот преку нив.
  3. Бидетеверни во бракот затоа што тоа ни е од Бога наложено
  4. Не заборавајте, во сето свое богатство или сиромаштија,ниту Бог е замена за пари, ниту парите се замена за Бог
  5. Одберете си добри водачи и бидете добри следбеници
  6. Не заборавајте ја Христовата благодат и никогашне ја заменувајте со религиозни списоци
  7. Не заборавајте дека вашиотхристијански живот се протега од овде па се до вечноста.

Има уште многу други добри принципи кои ова послание ни ги предочи. Но доволни се и овие 7 од последново поглавје за да имаме полни раце работа, и како поединци и како заедница.

Нема да е лесно. Христијанскиот живот и никогаш не ни бил лесен. Но да останеме фокусирани на Христос, нашиот краен авторитет и водач. Лесно е да го следиме бидејќи знаеме дека благодарение на неговата верност тој воскресна за слава и вечен живот, а и ние исто така сме повикани на таков вечен живот.

И во тоа се состои Добрата Вест. Тоа е надежта која секој верник ја има. И на крај, тоа е и наградата, поради која вреди да се помине било кое страдање во животот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website