Откровение е последна книга во Библијата, која со својата длабока и богата врска со Стариот Завет дава добар заклучок на Божјото запишано откривање во нашата историја, од Мојсеј до Јован. Но како што Мојсеевите книги го покриваат периодот уште од самото Создание, така Откровение гледа према иднината, све до второто Христово доаѓање.

Тешко е за нас денес да го разбереме Откровение како што треба. Од една страна како култура имаме развиена имагинација и сме задоени со идеи на детални анализи. Од друга страна сме слабо потковани за добро критичко размислување. Ваквиот спој на бујна имагинација, аналитичност и слабо критичко расудување го прават Откровение доста замрсено за толкување. Затоа и има еден куп толкувања. Колку глави, толку толкувања. Но од некаде мораме да почниме.

Во основа, Откровение, како и целата Библија, е фокусирано на пораката дека Бог е вистинит, дека постои, и дека само Бог е апсолутен владетел. Овој Бог, е Исус. Во Отк. 1:8 гледаме дека Исус е Алфа и Омега, кој бил, кој е и кој ќе дојде. Клучот во тоа како Бог се идентификува овде е дека Тој е оној кој бил, и кој ќе дојде. Исус беше дојден, и пак ќе дојде. Така од сам почеток ние сме поставени во некоја состојба на потестување и исчекување. Потсетување, за да размислиме кој е тој Исус кого го познаваме, а во исчекување затоа што живееме во тој период кога Исус сеуште не е вратен.

Откровение не поттикнува да останеме фокусирани на мандатот кој Црквата го има добиено, а тоа е да прави ученици од сите народи. Тенденцијата на Црквата е да се повлече од светот поради сите неправди и притисоци од светот. Затоа имаме куп манастири. Но Откровение не поттикнува да не бегаме од непријатностите во светот, туку баш поради тие непријатности, да бидеме во светот, но не од светот. Преку активно сведоштво на Црквата, Христос може да ја исполни својата мисија па секое колено да клекне и да признае дека Исус е Бог, и никој да не се избгуби туку секој што верува да има живот вечен.

Структура на Откровение

Откровение е неверојатно комплексна книга која користи разни литературни средства за да ги пренесе сите поенти. Се користат доста слики: Светилници, јавачи, труби, садови, градови, улици, ѕверови итн. Се користат и бројки: 3, 4, 7, 10, 12, 666, 144000. Скоро сите слики и бројки се вклопени во параболи кои што си имаат свои поенти, како за првите слушатели на Откровение, така и за нас денес.

Сиве овие детали се врзани во една целина така што создаваат хијастичка структура (структура на четвороножна скала) каде секое скалило од едниот крак има соодветно скалило на другата страна, и сите скалила водат кон врвот на скалата, т.е кон главната порака на книгата. Секое скалило, односно секоја група стихчиња како да отвараат заграда од едната страна и ја затвораат таа заграда од другата страна на скалата. Така се гради една сложена композиција на стихови кои го градат значењето на централниот дел а во исто време влечат свое значење од тој централен дел.

Еве како грубо изгледа најосновната структура на Откровение:

1:1-8 Вовед: Ова е порака од Христос (1:1), Благословен е тој што чита (1:3), Алфа и Омега, кој беше и кој ќе дојде (1:8)

1-10-3:22 7 Цркви: Христос меѓу 7те свеќници 2:1, Отворена врата 3:8, Исус на престолот 3:21, Новиот Небесен Ерусалим 3:12, Се враќам брзо 3:11

4:1-8:1 7 Печати: Небото се отвара 4:1, Белиот коњаник и другите јавачи 6:2-8, Мачениците „До кога да чекаме Боже„ 6:9-10, Бели престилки измиени во крвта на јагнето 7:9-14, Кралевите бараат смрт 6:15-16

8:2-11:18 7 Труби: 1/3 Земјата гори 8:7, 1/3 Морето уништено 8:8-9, Питката вода уништена 8:10-11, Сонце, месечина, ѕвезди 8:12, Темниа и Бездна 9:1-11, Еуфрат 9:13-21, Силен глас Царството е на Христос 11:15-18

11:19-14:20 Контроверза Вистинската мајка во бело 12:1-2, Деца послушни на заповедите 12:17, Жената во пустина 12:14, Ѕверот со 7 глави, 10 рогови, 12:3-13:1, Вавилон падна 14:8, Сведоштвото за Исус под напад 12:17

17:1-19:10 Падот на Вавилон Лажната мајка во пурпурно 17:4, Нејзините деца се развратни 17:5, Жена во пустина 17:3, Ѕверот со 7 глави, 10 рогови 17:3, Вавилон падна 18:2, Сведоштвото за Исус “Слави го Бога“ 19:10

15:1-16:21 7 Садови Земјата 16:2, Морето 16:3, Питка вода 16:4, Сонцето 16:8-9, Царството на Ѕверот непокорно 16:10-11, Еуфрат 16:12-16, Силен глас „Готово е„ 16:17-21

19:11-21:8 Милениумот: Небото се отвара 19:11, Белиот коњаник и другите јавачи 19:11-16, Мачениците се судии 20:4-6, Бели престилки измиени во крвта на јагнето 19:14, Кралевите се убиени 19: 17-21

21:9-22:9 Небесниот Ерусалим: Христос вечниот свеќник 21:23, Портите кои не се затвараат 21:25, Небесниот Ерусалим 21:10, Брзо се враќам 21:10

22:8-17 Заклучок: Јас Исус го пратив ова откровение (22:16), Благословен е кој го пази (22:7), Алфа и Омега (22:13)

 

Клучот во структурата на Откровение е дека во низата од 7*4, т.е седумте цркви, печати, труби и садови, вметната е епизодата на битката на Ѕверот и Црквата, каде Црквата е под напад поради верата во Христос, но на крај ова насилство се завршува со тоа што сведоштвото за Христос го надживува Вавилон.

Целта на книгата е апостолот Јован, во последните години од својот живот, како последен од апостолите, да им даде последно охрабрување на верните во Мала Азија, па книгата има форма на послание но е запишано во форма на апокалиптична литература која во тоа време била доста популарна.

Главната порака на Откровение е дека Црквата на Христос е со мандат да сведочи, да биде сол и светлина во светот кој е опиен од „виното од Вавилон“, т.е да му сведочи на светот за Бог и потребата од покајание и отфрлање на лагите кои ѓаволот ги шири преку разни свои гласници.

Во тоа време верните биле под нож: или ќе потклекнат на притисоците и ќе се поклонат пред императорот кој е лажниот Бог или ќе бидат во прогон до смрт ако се држат до својата вера дека само Исус е Бог. Иако веќе се прогонувани и убивани, Јован ги поттикнува на истрајност во верата и во сведоштвото, дури и по цена на смрт.

Таквото непоколебливо држење дека само Исус е Бог, за некои ќе значи страшна смрт, но преку нивната пожртвуваност сите народи од светот ќе имаат можност да ја видат лудоста на државата која му налага на еден човек да се поклони пред друг човек само затоа што овој другиот е на некоја функција. Така, за некои верни, сведоштвото ќе заврши со страдање. Иако властите ќе ја гледаат таа смрт на верните како победа, всушност победници се верните кои не потклекнале пред најголемата закана, заканата со смрт. Од небесна перспектива, победник е тој кој не се откажал од верата па дури ако тоа значело откажување од животот.

Јован се повикува на Стариот Завет за да извлече слики од Тир и Вавилон како градови кои своевремено биле врв на човечката моќ и влијание. Тие градови биле центри на политичка и воена моќ, а во првиот век, таков воено-политички центар бил Рим. На чело на Римската империја бил императорот кој според народните закони бил прогласен за божество.

Во Рим пред Колосеумот постоела и огромна статуа од императорот Нерон, кој бил свиреп кон христијаните и ги користел како живо месо за забава во арените. Статуата и големината за тоа население била олицетворение на Нероновата божественост.

Со неговата смрт верните се понадевале дека нивното страдање заврши, но наместо него дошла нова династија императори, исто толку свирепа како и Нерон. Тоа делувало доста обесхрабрувачки зошто од нивна перспектива изгледало како да му нема крај на изживувањето на Рим врз верните.

Јован им пишува апокалиптично (литературна форма) со цел да ги охрабри верните дека иако Рим продолжува по старо, верните не треба да мислат дека злото надвладеало. Секоја маченичка смрт е уште еден доказ дека вистината за Христос продолжува да се проповеда. Дури и по казна на смрт, верните продолжуваат да сведочат за Христос, а со тоа ја отфрлаат лагата дека императорот е бог.

Со тоа што имепријата убива, самата себеси се окривува како чисто зло затоа што убива луѓе кои освен верување во Исус, со ништо не заслужуваат смрт. Поради ваквата храброст и предаденост, многу луѓе се обраќаат кон Христос за спасение, а тоа е и клучната улога која Црквата треба да ја игра, да е сведок за Христос.

Значењето за нас денес е дека и ние сме повикани да бидеме сол и светлина на луѓето во ова време во кое живееме. Како што Јован во тоа време го покажува Рим во скриена форма како отелотворено зло, така и ние денес можеме да препознаваме концентрирани центри на политичка и воена моќ која се користи против нашето тврдење дека само Бог е семоќен. Секоја друга сила е само лага која на луѓето им влева надеж и ги поттикува да не се обратат кон Бога туку да си се сместат удобно во животот во некоја цивилизација која има од пиле млеко, но за Бог нема место.

Симболите и сликите што се користени во Откровение се пред се за заштита на читателите од овие власти против кои сме повикани да стоиме како цврсти светилници за Христос, исто како што двајцата пророци во Откровение 11 стоеа и сведочеа за Христос па дури и по цена на смрт.

Никој државен апарат не сака за себеси да прочита во некоја книга дека тие се слуги на сатаната. Ниту Рим, ниту комунизмот, ниту демократски избраните власти. Затоа и Откровение ни е дадено во слики и параболи, за да можиме да го читаме, за да може Бог да ни проговори преку тие стихови, па да можеме ние во било какво политичко окружување да бидиме сол и светлина, т.е да ја зачувуваме вистината за Христос како Бог, и со ваквото сведоштво да ги откриваме заблудите кои општеството ни ги сервира преку медиумите.

Сликите на Ѕверот (13:7,8 воено-политичка опресија), на другиот ѕвер (13: 12-17 финансиско ропство) и Вавилон (14:8, 18:3, 23 идеолошки отров) ни даваат слика за тоа како Црквата отсекогаш била во конфликт со структурите кои се обидувале да завладеат со слободата на луѓето, со животниот стандард на луѓето и со идеите кои луѓето низ вековите биле задеоени. Зошто? Затоа што сите овие воено-политичко-социјални државни апарати кои се создадени со добра мисла на крај завршуваат како угнетувачи кои поробуваат народи, туркаат поединци во беда и мизерија, и го трујат народот со идеи дека ние луѓето сме способни сами по свое да си тераме и за себеси да си направиме супериорно општество кое ќе биде најдоброто нешто досега. Но ваквото обединувење на луѓето без свесност за Бог води кон истиот оној крај што го читаме во случката со Вавилонската кула. Таа почнала како олицетворение на обединетоста на човештвото против Бога, но на крај завршува со крајно разединување.

Така сликата на Вавилон како централизирано место од кое мал дел луѓе владеат со личната, политичка и економска слобода на огромен број луѓе станува прототип за било кое друго такво место низ целата човечка историја. Кога идеологијата на малцинството го угнетува слободното живеење на мнозинството, тоа малцинство станува Вавилон, и тоа малцинство е во директен конфликт со Црквата како живо присуство на Исус на земјава. Ние пак, сме повикани и охрабрени да не потклекнуваме пред притисоците туку да останеме до крај верни на сведоштвото дека без вера во Христос и побожност, нема правда, нема мир, нема слобода.


  • Најголем број од идеите се превземени од книгата New Testament Theology: The Theology of the Book of Revelation, Richard Bauchkham, Cambridge University Press, 1993. Книгата е краток преглед на главните теолошки поенти во Откровение, но не е наменета да се користи како коментар на Откровение затоа што и самиов овој текст е повеќе наменет како увод во Откровение отколку како исцрпен коментар.
  • Структурата е превземена и малку адаптирана од овој линк. Постојат многу различни предлог-структури, некои се подетални, некои воопшто не го делат Откровение на хијастички слики. Целта на оваа превземена структура е само да се даде едноставен костур на стиховите, а не како краен и исцрпен приказ на сите слики и сите детали од Откровение.
  • Во завршницата на текстов е спомната идеата “нема правда, нема мир, нема слобода“ како адаптација од мотото на шарената револуција “нема правда, нема мир“ кое како порака се турка за уривање на една власт и замена со друга. Од перспектива на теолошки слики од Откровение, која и да е владеачката гарнитура, неможе да има ниту правда, ниту мир, ниту слобода ако таа власт како апарат, и луѓето во таа власт не живеат христо-центричен живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website