Во сржта на христијанското учење за спасението е дека да се постигне трајно решавање на гревот потребен е совршен/безгрешен човек кој преку живот и смрт ќе ни постави пример за тоа како треба да се живее и преку тоа откровение ние да престаниме да смислуваме свои фолозофии за живот, и да се вратиме кон Бога.

Од друга страна пак, уште од првите моменти после падот на човештвото во Грев, во Битие 3 гледаме дека иако Адам и Ева си имаа сплетено престилки од лисја за да го прикријат срамот од падот во грев, Бог е тој кој дава подобро решение за гревот со тоа што Бог им дава на луѓето престилки од животни. Со оваа слика, ни се става на знаење дека Гревот не е едноставна работа и за решавање на Гревот, самиот Бог мора да интервенира, а во таа интервенција ќе кошта нечиј живот.

Она што во Стариот Завет го имаме како религиозен систем на однесување овозможува само привремено одлагање на казната за гревот со тоа што ради гревовите на луѓето се принесувани животни кои се совршени, односно без мана (куци, сакати, болни, изнемоштени животни кои и онака би умреле). Еднаш во годината великиот свештеник (или Првосвештеник), принесувал една помирителна жртва со која се покривале сите гревови на сите луѓе за таа година, па тој бил Денот на Помирување, или Јом Купур на еврејски.

Во посланието до Евреите кое што го поминувавме последниве неколку месеци видовме дека за да се реши трајно проблемот со гревот Бог зеде човечко тело за да биде тој совршен пример, да биде совршената помирителна жртва, кој своеволно го предава својот живот за сите нас, па така станува и совршениот првосвештеник.

Кој е тогаш, овој Исус, и како посланието на Евреите ни го прикажува? 13 пати Исус е спомнат како Синот Божји, и цела 7ма глава е посветена на прикажувањето на Исус како совршениот Првосвештеник. Ајде да ги разгледаме овие две слики за Исус.

1.     Исус како Божјиот Син (Ев. 1: 1-5)

Уште на самиот почеток од посланието даден ни е приказ на Исус како уникатен во историјата на човештвото, и во историјата на Божјите објави:

1 Во минатото Бог преку пророците им говореше на нашите предци по многу поводи и на многу начини. 2Сега, во овие последни денови, Тој ни проговори преку Својот Син – Исус Христос. Преку Него Бог го создаде светот и Него го определи за наследник на се. 3 Тој го одразува сиот сјај на Божјата слава и точно покажува каков е Бог. Тој ја одржува вселената со Својот моќен збор. Откако умре за да не исчисти од нашите гревови, Христос седна на небото од десната страна на Величествениот Бог. 4 Ова покажува дека Божјиот Син е повозвишен од ангелите, како што е повозвишено и името што Му е дадено, 5 зашто на ниеден ангел Бог не му рекол: „Ти Си Мој Син, денес станав Твој Татко“, и повторно: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе Ми биде Син“.

1.1.  Вечно постои (Ев. 1:1-3, 2:7-9)

Клучот за уникатноста на Христос е во првите неколку стиха со кое почунва посланието: дека Исус ефективно е творец на Универзумот. Исус, Синот Божји, не е само некоја алатка со која што Бог Отецот го ствара светот. Исус е активен Творец и Одржавател на се видливо и невидливо. Значи Исус постои надвор од ова создание, надвор од времето и просторот, а со тоа е и вечен, нестворен, од иста суштина како и Отецот.

1.2.  Поголем од било која друга Божја објава

Ангели 1:4-5 тие се слуги, Тој е Синот. Како Божја објава, Христос е најголемата и најдобрата објава на невидливиот Бог. Сите други објави преку ангели, соништа, лични искуства итн се помали од објавата која ја имаме во Христос, и сета наша побожност треба да е заснована на тоа како Христос ни покажа да живееме, наспроти сите преданија од човечки искуства посебно кога тие контрираат на Христовиот пример.

Мојсеј 3:5 Мојсеј е слуга, Исус е Синот. Мојсеевиот религиозен систем е потчинет на Христовиот пример. Преку Законот и институционализираната религија сепак е потчинет на објавата на Христос која ја гледаме во страниците на Новиот Завет.

1.3.  Потполно човек (2: 11, 14)

Од стиовите 1:1-5 гледаме дека првите христијани биле цврсто уверени дека Исус е совршената Божја објава, и овој Исус од Назарет кој што го знаеме е еден од нас, но пред се е и Творецот на светот.

Но Исус, како совршен приказ на невидливиот Бог, не е само некое привидение кое де го има де го нема, како што се ангелите. Поентата на Божјото откривање преку Исус беше Бог да биде еден од нас, и затоа во Стариот Завет на многу места го среќаваме името Емануел, Бог со нас.

Ако Исус беше само некоја нематеријална божја објава во созданието, немаше баш да ни биде некој пример за следење. Но во Глава 2 баш тоа и ни се кажува. Сите ние кои сме од крв и месо, од овој Исус сме прозвани како браќа и сестри, затоа што и тој самиот е од крв и месо: 2: 11 Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа,

Кога Невидливиот, Нестворениот, Нематеријалниот Бог ја пречекорува оградата на Створението, она што ние од оваа страна на оградата гледаме е Исус. Исус, е совршената слика на невидливиот Бог. Има доста филмови каде што се комбинирани глума и анимации, каде што глумецот од вистинскиот свет некако зачекорува во светот на цртаните карактери, па тој премин/прескокунвање од реалноста во цртаниот свет е и моментот кога тој глумец станува нацртан. Изгледа исто како и другите ликови во цртаниот филм, но по карактер си е истата таа личност што сме ја гледале додека тој филмски лик бил човек/актер. На сличен начин можеме да го гледаме и Божјото влегување во овој свет каде што тој станува сличен на нас, но останува непроменето Бог.

Така во посланието до Евреите гледаме дека Исус е Божјиот Син, отелотворен Бог, видлив, опиплив, еден од нас. Во тој Исус ние конечно имаме совршена објава на невидливиот Бог. За прв пат во историјата на човештвото, во Исус конечно имаме човек кој што живее онака како што цело човештво треба да живее: во потполна хармонија со Бог, нашиот Небесен Татко.

2.     Исус како совршениот Првосвештеник (5:1-10)

Евреите 5: 7-10 Преку послушност Исус го потврди својот мандат за совршен Првосвештеник

7 За време на Својот живот на Земјата Исус ги изнесуваше Своите молитви и молби низ гласен плач и низ солзи, упатени до Бог, Кој можеше да Го спаси од смрт. Молитвите Му беа услишани, заради почитта (послушнста) што Тој ја искажуваше спрема Бог. 8 Иако Исус беше Божји Син, сепак, преку лични страдања мораше да дознае што значи да се биде послушен. 9 На тој начин Исус стана совршен Првосвештеник и извор на вечно спасение за сите што Нему Му се послушни. 10 Затоа Бог Го одреди за Првосвештеник од редот на Мелхиседек.

Овде гледаме уште една причина зошто Исус мораше да го истрпи сето страдање и смртта. Преку тоа страдање Исус го потврди својот мандат и право да биде совршениот, вечен Првосвештеник.

2.1.  Сочувствува, затоа што е човек

Во овие стихови гледаме зошто Исус мораше да пострада. Преку Христовите страдања јасно дознаваме дека Исус ниту е привидение, ниту е некој супер-човек кој што е заштитен од опасностите во овој свет полн со агресија, омраза, осуди.

Исус на своја кожа дозна што значи да се биде безгрешен човек опкружен со грев. Тоа не е мала работа, ниту пак е лесно. Иако денес се турка идеата дека побожниот човек е оној кој низ животот поминува како да е отапен за било каква емоција, во овие стихови гледаме дека Исус поприлично бурно го поминува своето време на Земјата, и животот му е полн со емоции. Христовиот пример ни служи за да знаеме дека целта на побожноста е всушност послушност кон Бог, а не живот без бурни емоции.

Ваквиот Првосвештеник, кој на свој грб осетил што е мака, може да му служи на народот. Додека ситиот гладниот не го верува, во Исус наоѓаме човек кој знае која е тежината на побожниот живот во грешен свет. Самиот тој го изодил тој пат, и сега е докажан како човек кој по човечки мерила е дораснат да биде Првосвештеник.

2.2.  Со Божји мандат

Службата на Исус би била бесполезна ако Исус немал мандат од Бога да биде Првосвештеник. Во Стих 10 јасно гледаме дека Исус од Бога е поставен да биде Првосвештеник. Слично е и како кај полицајците. Секој може да си посака да биде полицаец и да спроведува закон, но ако тој поединец не е од законот признаен и поставен, тогаш дури и праведно да пресудува, самиот тој е во престап пред законот затоа што сам себеси си се прогласил за авторитет кој во суштина ниту го има ниту му е даден.

Ако некој побожен човек своеволно си превземе на себе авторитет да изигрува посредник меѓу Бога и народот, колку и да е побожен човекот, тој сепак узурпира власт и себеси си се нарекува Божји авторитет, а всушност не е.

2.3.  По Редот Мелкизедеков

Во 10ти стих нам јасно ни се дава на знаење дека Исус од Бога го има добиено тој мандат да е Првосвештеник, и тоа не првосвештеник според Мојсеевиот Закон, туку по редот Мелкизедеков. Мелкизедек, како што во Евреите 7:1-10 читаме, е свештеникот на кој што самиот Авраам му дава десеток, а за возврат доби благослов. Така свештенството по Мелкизедек е поголемо/поважно од она според Мојсеевите закони, затоа што Авраам како татко на целиот Израел дава десеток, и преку Авраам како цел Израел го признава Мелкизедек како поголем/позначаен.

6 Мелхиседек не беше потомок на Левиј, па сепак зеде десеток од Авраам. Потоа Мелхиседек го благослови Авраама, на кого веќе му беше дадено Божјото ветување. 7 А нема никакво сомневање дека оној што благословува е поголем од оној што го прима благословот. 8 Во случајот со свештениците, десетокот им се дава на смртници, а Мелхиседек е поголем од нив бидејќи ни е пренесено дека тој е вечно жив.

Исус прикажан како совршениот Првосвештеник по редот Мелкизедеков ни става до знаење дека помирувањето кое преку Исус го добиваме не е поради придржувањето на религиозните правила кои се поставени пркеу Мојсеевиот закон. Благословот кој го добиваме преку Христос како Првосвештеник е ист на оној кој Авраам го добива. Авраам го признава Мелкизедек како поголем од себеси и со принесувањето на десетокот покажува и почит и послушност кон Мелкизедек.

Исус исто така со својот живот видовме дека преку страдањата научил што значи да се биде послушен. Тоа нам ни претставува пример за тоа како сите ние треба да живееме. Послушноста на Христос ни е пример за тоа како ние ито треба да сме му послушни на Бога. Таа послушност не е преку придржување на некои правила и норми, туку преку живо пријателство со Бог, затоа што Бог веќе не е ниту неспознајлив, ниту неразбирлив. Во Христос имаме совршена слика за тоа кој е Бог и каков е Бог.

Заклучок: Исус како мост меѓу Бог и Луѓето

Исус е како мост меѓу луѓето и Бог затоа што самиот тој е и човек и Бог, на начин кој за нас е мистерија. Дадено ни е да знаеме дека е човек затоа што е роден од дева Марија и со својот живот ни има покажано дека е човек од крв и месо, како сите ние.

Преку службата ни покажа дека е Синот Божји, едно со Бог и за нас најдобриот и најпрецизен начин да го видиме Невидливиот и да го запознаеме Неспознајливиот. Со тоа што Вечниот влезе во времето, нам ни е дадено да можиме да се запознаеме со Бога. Познавањето на Христос е познавањето на Бог Творецот, до оној степен до кој што ние како ограничени битија можеме да спознаеме каков е тој Семоќен Бог.

Во Христос, Бог ни е прикажан како сочувствителен, желен за правда, желен за мир, брз на простување и спор на осуда. Во Христос, Бог со себеси го помирува човештвото затоа што станува човек. Па во истиот тој Христос, секој човек кој со вера, понизност и послушност пристапува кон Христос онака како што Авраам пристапи пред Мелкизедек, на чудесен начин пристапува во Бога.

Послушноста кон која сме повикани е релативно едноставна: љуби го Бога со сето свое срце, сиот свој разум сета своја душа, и љуби го ближниот како себеси. Дадена ни е и мудроста па да можеме да знаеме што ваквата љубов кон Бога и ближниот би требало да значи во секојдневните ситуации низ кои поминуваме.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*
Website